Македонија со нова Влада, Заев доби втор мандат
Македонија доби нова Влада. Зоран Заев синоќа кусо пред полноќ ја доби поддршката за втор мандат како премиер овој пат во Влада, составена од неговата коалиција „Можеме“, ДУИ и ДПА.
Со 62 гласа „за“ и 51 „против“ во Собранието синоќа пред полноќ беше избрана новата Влада.Опозицијата во овој парламентарен состав брои 58 пратеници, од кој 44 на ВМРО-ДПМНЕ, 12 на коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива и 2 на Левица.
Во завршното обраќање пред пратениците Заев рече дека државата, која сега е членка на НАТО и има одлука за преговори со ЕУ, со посветеност и заедничка работа ќе има институции со кои ќе се гордеат сите. Најави целосна посветеност на економијата, јакнење на економскиот стандард, перспективи за младите во приватниот сектор, привлекување што е можно повеќе странски инвестиции, привлекување на домашниот капитал да влезе во инвестиции, намалување на непродуктивните трошоци во администрацијата, но и посилно и поквалитетно здравство.
Најави дека претстои стабилен политички период, одлучна и бескомпромисна борба против сивата економијата, криминалот и корупцијата, ефикасен, транспарентен и одговорен правен систем.
-За стратешките прашања во државата задолжително очекува нашиот народ да соработувам и очекувам како претседател на Владата да имаме соработка со опозицијата. Но, искрено се надевам и за другите прашања да имаме соработка, рече Заев.
Дводневната собраниска расправа се карактеризираше со меѓусебно препукувања меѓу власта и опозицијата, со критики на опозициските партии за сработеното во претходниот владин мандат, за предложената владина програма, за составот на новата влада, со непримерни забелешки упатени едни кон други, со тропање по масите од страна на опозицијата, поради што собранискиот спикер Талат Џафери повеќе пати беше принуден да интервенира со повик до пратениците да го подигнат нивото на меѓусебната комуникација.
Се разменија епитети како топ шоп мандатар и топ шоп влада, дормео опозиција, предавници, некои пратеници не сакаа да реплицираат на жена пратеник, бидејќи не сакале да навлегуваат во расправа со жени….
Потпретедателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски оцени дека новата влада на СДСМ и ДУИ е коалиција на лагата. Најави масовни протести на есен за нејзино уривање, оценувајќи дека оваа Влада ќе биде со најкраток мандат. СДСМ, како што рече, ветуваше коалиција без ДУИ, а ДУИ ветуваше премиер Албанец, поради што, според него, двете партии добиле дел од гласовите на изборите на 15 јули.
На собраниската расправа имаше жестока дебата и меѓу претставниците на албанскиот блок меѓу пратениците од ДУИ и Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива, која смета дека ДУИ нема легитимитет меѓу албанските гласачи и дека не сторила ништо за унпаредување на правата на Албанците во земјава.
Пратениците од власта истакнаа дека во изминатиот период донеле тешки, крупни и државнички одлуки, во интерес и на граѓаните и на државата, ја отстраниле последната пречка од евроинтеграциски пат, ја внеле државата во НАТО и оти почнуваат преговори со ЕУ.
Бројот на министерски места во новата влада е намален за седум и сега ќе брои 19 министри и премиер.
Заев во експозето говореше за приоритетите на новата влада, ставајќи акцент на економијата и социјалната политика. Ова е мала Влада што ќе ја предводам, посочи Заев, во која членуваат мотивирани и посветени личности, кои ќе работат на остварување на поставените цели во стратешки интерес на државата.
Покажавме, што значи да се спасуваат работни места и да се одржува стабилна економија и во време на пандемија, и ова, посочи Заев, е мотив да продолжиме да работиме да се вратиме на стапките на раст, зошто можеме. Задржување на минималната плата на 14.500 денари за време на кризата предизвикана од коронавурисот, но и минималец од 20 илјади по завршувањето на кризата е визијата на новата Влада.
Унапредување на даночната политика, инвестирање во нови патишта и автопати и железничка инфрастурктура, реформа на јавната администрација се дел од заложбите на новата Влада. Секако тука е и прочистувањето на судството и градење правна држава, унапредување на добрососедските односи, но и отворање следните четири години на 80 проценти од поглавјата во преговорите со Унијата. Заев најави и нови пакети помош за коронакризата, напоменувајќи дека не се исклучува оти во наредните месеци може да дојде до влошување на состојбата.
Програмата и предлог-составот на новата Влада, мандатрот Зоран Заев до Собранието ја достави минатата среда. Покрај него како премиер, членови на Владата се и Љупчо Николовски како вицепремиер за борба против корупцијата, Фатмир Битиќи – вицепремиер за економија, Никола Димитров – вицепремиер за европски прашања, Оливер Спасовски – министер за внатрешни работи, Радмила Шекеринска – министерка за одбрана, Бојан Маричиќ – министер за правда, Благој Бочварски – министер за транспорт и врски, Венко Филипче – министер за здравство, Мила Царовска – министерка за образование и наука, Јахода Шахпаска – министерка за труд и социјална политика и Ирена Стефоска – министерка за култура.
Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе го води Аријанит Хоџа од Беса, предизборниот коалициски партнер на СДСМ, а Горан Милевски од ЛДП ќе биде министер за локална самоуправа и во новата Влада.
Артан Груби од ДУИ ќе биде прв вицепремиер и министер за политички систем, Бујар Османи – министер за надворешни работи, Фатмир Бесими – министер за финансии, Крешник Бектеши останува министер за економија, Насер Нуредини министер за животна средина, Јетон Шаќири- министер за информатичко општество и администрација.
Во владината програмата предвидено е и намалување на привилегиите на јавните функционери со цел да се спречи злоупотреба на функцијата за лични цели, намалување на буџетските трошоци и зголемување на ефикасноста во вршењето на функцијата.
Заев во текот на експозето рече и дека ќе нема компромис за министрите ако некој го прекрши законот, а ако се прекршат етичките норми очекува оставка или ќе има разрешување. Им порача на кандидатите за министри дека од нив очекува одговорност, како и да ги стават интересите на граѓаните и државата на прво место.
Тоа, како што рече, се однесува и на сите директори и раководители, но и на целата јавна администрација.
-Посебно да водите грижа за однесувањето на тие од вториот и третиот ешалон, раководители на сектори и одделенија, шефовите во јавните институции. Најголемите злоупотреби, неетички однос се прави токму таму, укажа Заев.
Ново на Сител
-
Мицкоски очекува со „Новогодишната кошничка“ да се заштити семејниот буџет
-
Македонија го дозна својот пат до Светското фудбалско првенство 2026
-
Овчите сипаници најчесто акутно заразно заболување во ноември, раст од 29,9 отсто во однос на октомври
-
Рокас: Во тек се многу дипломатски активности за евроинтегративниот процес на Северна Македонија
-
Соработката помеѓу Фондот на пензиското и инвалидското осигурување и Сојузот на пензионери, тема на седницата на Извршниот одбор
-
Приведен кадец во Струмица
-
Законот за јазици ќе чека до март
-
Ахмети: Отпор ќе има