Бизнис
5. August 2018 - 16:54

Македонија следната недела ќе се задолжи за нови 32.4 милиони евра на домашниот пазар

Експертите апелираат за голема претпазливост во однос на задолжувањето, со оглед на тоа што јавниот долг бележи континуиран раст. За период од една година јавниот долг е зголемен за 9,15% и сега изнесува 5,14 милијарди евра, односно 47,7% од БДП. Тоа значи дека државата дневно во просек се задолжува за 118 илјади евра. Дополнително, Министерството за финансии објави нова аукција на државни хартии од вредност што треба да се одржи во вторник. Со оваа аукција државата ќе се задолжи за уште 32,4 милиони евра.

“Во една ваква економска сосотојба, односно во една ваква постојана економска турбуленција, може да кажеме дека нема да се одрази добро. Иако не сакам да кажам така, но состојбата наговестува една блага рецесија и намалување на економскиот раст. Меѓутоа, податоците покажуваат и нешто друго. Треба да се верува, но треба да се биде претпазлив”, смета Миле Бошков, претседател на Конфедерација на работодавачи на Македонија.

За состојбата со јавниот долг реагираа од Министерството за финансии.

“Јавниот долг бележи намалување прв пат после девет години во 2017 година, по што во 2018 година се задржува на тоа ниво. Претходните години јавниот долг беше брзорастечки и неодржлив. Од 2018 година тој рапидно растеше, а во 2016 година се удвои. Со одговорно менаџирање со јавниот долг, подобрена е и неговата структура. Значително се намалени каматните стапки, како за еврообврзницата, така и за државните хартии од вредност. Зголемена е и рочноста на државните хартии од вредност, што ја зголемува одржливоста на долгот”, пишува во соопштението од Министерството за финансии.

Од друга страна, и покрај зголемувањето на јавниот долг, државата до сега реализираше само 16,6% од капиталните инвестиции, а економскиот раст е во позитивната зона за минимални 0,1%. Ресорните министри постојано уверуваат дека 3,2% раст и реализација на 90% од капиталните инвестиции до крајот на годинава се остварливи проекции.