Македонија
8. September 2020 - 19:54

Македонија слави роденден - каде е земјата денес?

Трнливи, тешки 29 години, исполнети со многу предизвици. Неизвесен и драматичен пат, на кој секогаш сме се воделе од два клучни патокази – Европската Унија и НАТО. Денес на постабилни нозе и јасна перпектива, Македонија ја слави својата независност.

Го славиме 8-ми септември, датумот кога во 1991-та година речиси секој еден граѓанин се изјасни за самостојна држава. Грчко ембарго поради непризнавањето на уставното име, обид за атентат врз претседателот на Републиката, бегаска криза и воен конфликт кој заврши со потпишување на Рамковниот Договор - oд самиот почеток земјата минуваше низ потешкотии и проблеми.

Во овие 29 години не изостанаа ниту политичките кризи, а најголемата од нив заврши со Договорот од Пржино.

Но денес ја извадивме државата на прав пат и не чека периодот на интензивна европеизација, ќе рече премиерот Заев од платото пред Владата, каде што беше одржана годинашната прослава.

На обраќањето кое го следеше претседателот Пендаровски, но и неколку нови министри, Заев истакна дека на нас ни припадна одговорноста да го одржиме сонот на многу генерации и да ја зачуваме македонската држава.          

„Во таа насока ја повикувам опозицијата да ги напушти тесноградите партиски интереси и да покаже државничко однесување. Патот кон независност е поплочен со заложбите, напорите и саможртвата на  огромен број генерации во македонската историја. Ја имаме неповторливата можност Северна Македонија да седне на своето столче на масата на европските држави”.

Заев ја искористи и можноста да ја презентира работната агенда на новиот владин кабинет. Приоритет – владеењето на правото.

„Доаѓа време на ред, правда и дисциплина. Новата Влада влегува во бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот на сите нивоа. Таа ќе биде најважната приказна. Законите се донесени, сега е време за нивно брзо и доследно спроведување. Кој не сака да почитува закон, ќе се соочи со закон”.

Претседателот Пендаровски, пак, за националниот празник повика на соработка меѓу политичките субјекти, толку нужна за брзо изодување на европскиот пат.

„Ако постои национален консензус за тоа на зборови, сега е нужен и реален, конкретен консенсус меѓу власта и опозицијата, невладиниот сектор и бизнис заедницата за брзо завршување на преговорите затоа што тие се исклучително значаен инструмент за подобрување на животот на сите наши граѓани”.

Честитајќи го празникот и посакувајќи подобри денови за Македонија, од опозицијата, пак, велат дека и по 29 години, ние како генерација не ја оправдуваме борбата на претходните генерации Македонци.    

„Не ги исполнуваме целите за кои тие се бореа затоа што имаме држава со слаби институции, земја потопена со криминал и корупција, намачен и сиромашен народ. Мафија, мафија која управува со државата и сака да управува со животите на луѓето. Нашата генерација е тука и чекаме нова шанса”.

Кон честитиките се приклучи и ДУИ.

„За овие 29 години државност, поминавме долг и тежок пат, а сепак се уште се соочуваме со големи предизвици пред нас. Наша должност е да ги решиме овие предизвици, еден по еден, денес, за идните генерации да можат да живеат во мир и просперитет”, посочи лидерот на партијата Али Ахмети.

Една стратешка цел членството во НАТО е исполнета, но Македонија ја чека долг пат кон ЕУ. По 15 години чекање добивме одлука за почеток на пристапните преговори со Унија, а земјава ја очекува напорна реформска агенда за да ги достигне стандардите на модерна европска демократија.