Македонија
3. August 2020 - 14:46

Македонија секој ден се задолжува по 12,2 милиони евра, секој граѓанин дневно е задолжен за нови 6 евра

 
Македонија влегува во црвената зона на задолженост, предупредува опозицискиот лидер Христијан Мицкоски на социјалните мрежи. 
 
„Државата ја втурнуваат во црвената зона на презадоженост. За само три месеци владата на СДСМ го зголеми јавниот долг за една милијарда евра. Согласно податоците од Министерството за финансии заклучно вториот квартал од 2020 јавниот долг изнесува 59,5%, додека државниот долг 50,7%, што споредено со претходното тримесечје повеќе за 8,9 процентни поени. Потрошени се нови една милијарда евра, ама нов автопат, нови градинки, училишта, болници нема. Но, има криминални избори и масовен поткуп. Овие пари со кои нѐ задолжуваат сите нас, се парите кои се потрошени за корумпирање за избори, затоа што ништо друго не е изградено. Многу лесно може да се увидат ефектите ако целта вистински им беше справување со последиците од корона. Денес е полошо споредено со април кога и предупредив на три можни црни сценарија во македонската економија. Еве првото се исполнува. Нѐ чекаат тешки времиња во македонската економија.“ – пишува Мицкоски на Facebook. 
 
Од ВМРО-ДПМНЕ денеска и на прес конференција објавија дека за само три месеци државата се задолжила за дополнителни 1,1 милијарди евра, што според нив значи дека секое македонско семејство е задолжено за нови 2000 евра за само 90 дена.
 
„ Ова е рекорден раст на јавен долг во Македонија за едно тримесечие, речиси 9 процентни поени.
Со ова галопирачко темпо на задолжување веќе достигнавме 59,5% од БДП, но согласно Мастришките критериуми за влез во една земја во Европската монетарна унија, дозволуваат јавен долг од 60%.Со ова темпо на задолжување Македонија набрзо ќе го пробие овој критериум.
И покрај огромниот пораст на јавниот долг од една милијарда евра, проекциите се дека македонската економија годинава може да ја заврши со пад на бруто домашниот производ приближно на 10%, со што логично се отвора прашањето за која намена беа искористени овие пари?
Овие показатели се резултат на исклучително лошата економска политика на владата, задоцнетите и популистички мерки кои суштински не го помогнаа стопанството.
Во цела криза и немаштија дополнително се наметнуваат огромни давачки, како што е поскапувањето на струјата за цели 7,5%.“ – изјави на денешната прес конфернеција Анастасија Илиевска од ВМРО-ДПМНЕ. 
 
Пресметките покажуваат дека ако за 90 дена Македонија се задолжила за 1,1 милијарди евра, тогаш секој ден, државата се задолжувала за сума од над 12,2 милиони евра. Тоа пак значи дека секој еден жител на државата, вклучувајќи ги и туку што родените бебиња секој ден во изминатите 90 дена се задолжувал за 6 евра. Тоа пак сведено на ниво на едно просечно четири члено семејство претворено во бројки дава податок дека дневно, секое домаќинство се задолжува за нови 24 евра, што во најголемиот дел од случаите е и повеќе од она што значи просечен дневен трошок на семејствата. 
 
До овој момент нема реакција на владејачката СДСМ на овие информации објавени од опозицијата . Вчера Министерството за финансии само потврди дека задолжувањето на државата се доближува до 60% од БДП.
– Jавниот долг, кој ги вклучува државниот, гарантираниот и негарантираниот долг заклучно второто тримесечје од 2020 изнесува 59,5 проценти од БДП, што споредено со претходното тримесечје претставува зголемување за 8,8 процентни поени. Државниот долг заклучно второто тримесечје е 50,7 отсто од БДП, што споредено со претходното тримесечје повеќе за 8,9 процентни поени, информираа вчера од Министерството за финансии.
 
На промените на јавниот и на државниот долг, како што наведуваат од таму, влијае повлекување на средства од склучени кредитни аранжмани со странски кредитори за вториот квартал од 2020 година во износ од 928,7 милиони евра, од кои 909,4 милиони евра за кредити на општа влада – 700 милиони евра за издадената Еврообврзница и 176,5 милиони евра од кредит од ММФ за Проектот за финансиска поддршка од инструментот за брзо финансирање за време на вонредна состојба, како и 19,3 милиони евра за заеми на јавните претпријатија. Има и повлекување по основ на држвни хартии од вредност во износ од 127,7 милиони евра.
 
Александар Спасовски