Македонија
15. July 2015 - 11:21

Македонија привлекува туристи и како eндемска оаза

Дали некогаш ви паднало на ум да се запрашате зошто токму ликовите на рисот, на охридската пастрмка, на шарпланинецот, или на лебедот во лет, се трајно втиснати во кованите апоени на македонската валута, денар? Тоа се одбраните ретки видови репрезенти на државата. Изборот е само приказ на богатата автохтона биолошка разновидност која што и денес опстојува на територијата на Република Македонија, а чии основни обележја се токму богатството и хетерогеноста на реликтните видови и еко-системите. Резултат, секако на специфичната географска положба на земјава, на климатските, на геолошките, на геоморфолошките, на хидрографските и други карактеристики и промени кои низ милениумите оставиле истовремено длабоки и непроценливо вредни траги.
 
 
Со говорот на бројките, ова богатство е повеќе од импозантно: 18.000 видови од флората, фунгијата и фауната, од кои 900 се македонски ендемити, и разнобразие на еко-системи – водни, речни и планински, со регистрирани над 260 растителни заедници. Спецификата е и во тоа што на одредени локалитети, на релативно ограничена површина, разноликоста на видовите може да се мери само со разнобразието на коралните заедници, а во одделни случаи тој е дури и поголем.
 
Дека станува збор за навистина огромно богатство за чија вистинска вредност и самите не сме доволно свесни, потврдуваат анализите за богатството на биолошката разновидност на земјите во рамките на Европа, каде што Република Македонија се наоѓа на самиот врв на држави познати како „Јуропиан хотспот“. Или своевидна ретка биолошка оаза.
 
Необична симбиоза на еко-наследството
 
Во оваа наша посебна и достојна за почит се’ уште добро зачувана еко – средина во срцето на Балканот, со закон се заштитени околу 70 локалитети и објекти со површина од околу 170.000 хектари или 6,62 проценти од земјата. Според просторниот план на Република Македонија, заштита на природното наследство, до 2020 година треба да изнесува 11,5 проценти со вкупно 194 простори и објекти. Според одредени стручни мислења, недоволно.
 
Езерани и Тиквеш се во строго заштитените природни резервати. За национални паркови се прогласени Маврово, Галичица и Пелистер со сите специфики на растителниот и животинскиот свет кој во нив опстојува. Предели со посебни природни карактеристики се: Лескоец, Водно и Кожле, а во одделните растителни и животински видови надвор од природните резервати се вброени 14 меѓу кои Гарска Река, Голем Козјак, Попова Шапка, Катлановско Блато,...
 
Во Македонија засега има вкупно 47 признати споменици на природата. Покрај добро познатите езера, Охридското, Преспанското и Дојранското со исклучителниот и ендемичен свет во нив, се и клисурата Матка, Катлановскиот предел, Марковите Кули, Моноспитовското Блато, Демир Капија, Дреночката клисура, извори, водопади, кањони, пештери, разните видови див и питом чинар, македонски даб, јасика, црна топола и црна дудинка, црн бор (Молика на Пелистер) и бел бор (во шумите крај Беровското Езеро), габер, шикари од благун, бука со ела, смрека и куриозитет за кој малкумина во Македонија знаат – Дувало, вистински вулкан исцелител!
 
 
Ова не е се’. Пикантеријата наречена национално македонско еко-наследство што на „авантура“ привлекува истражувачи, ботаничари, зоологисти, па и други туристи „трагачи“ по еколошки здрава средина и вљубеници во автентично сочувана природа не само од Европа, што воедно треба да не прави горди, за многумина е „необјаснивото“ совршено задништво на живеење на медитеранската флора заедно со растителните видови од евро-сибирските подрачја. На планинските масиви, пак, заедничките природни живеалишта на рисови, кафеави мечки, срни, елени, куни, дивокози, волци, диви кучиња и мачки, потоа орли, крстач и златен, шумскиот и голем був, ливадската и степската еја, чапји, утки, гуски, лебеди и пајки, преку габи, лишаи и мовови, папрати, мравки, разни инсекти...
 
Поедноставено, во националните паркови опстојуваат повеќе од 1.500 видови виши растенија од кои 135 се ретки, повеќе од 200 видови на птици, над 45 видови други ’рбетници и неброени видови дива фауна. А, во водите, симбиоза на ендемични планктони, епителни заедници, алги и друга водна вегетација и биолошки заедници, водоземци, јагули, охридска пастрмка, плашица, белвица, црвеноперка,...Или, 58 автохтони видови риба.
 
 
 
Ќе се согласите, иако не се сите опфатени, импресивна разновидност на растителни и животински видови која едноставно не може ниту лаик да остави рамнодушен, првенствено затоа што и на овој начин сликовито се открива и се потврдува специфичната био национална историја на сопственото постоење и развивање.
 
Изобилство од реликтни примероци
 
Со средна надморска височина од 800 метри, Република Македонија се вбројува во ретките земји во светот кои на толку мал простор изобилуваат со толку многу реликтни и карактеристични примероци на флора и фауна. Само од регистрираните ендемични видови флора 111 се локални ендеми со многу ограничено распространување, додека останатите 24 се среќаваат во пограничните планини кон Грција, Албанија и Србија и Косово. Меѓу нив се на пример Македонски мразовец, повеќегодишно тревесто растение со луковица, кое се наоѓа единствено на врвот на Солунска Глава на планината Јакупица. Потоа, Алшарска темјанушка, исто така повеќегодишно тревесто растение, кое се среќава само во околината на рудникот Алшар, 40 километри јужно од Кавадарци. Цвета во периодот од април до октомври, а може да се сретне и во западните делови на Македонија - Гостиварско, Мавровско. Исклучително убаво растение е Кајмакчаланскиот каранфил, многугодишно високопланинско растение. Се наоѓа на планинските врвовите на околу 2.500 метри, а овој јужнобалкански ендемит е познат само за врвот Кајмакчалан на планината Ниџе. Меѓу раритетните растенија се и Маријанино лале, Емова мајчина душичка, Македонска муза, Хорватиќев чистец...
 
 
Интересна група растенија се токсичните, чиешто дејство може да усмрти човек, но малкумина се запознаени со ова. Тоа е растението познато меѓу народот како Дива ловорика. Сите негови делови се отровни, а потсетува на лорбер. Потоа, курика, исклучително отровно растение, чијашто смртна доза изнесува 30 зрна, како и маслиница чии плодови се особено отровни.
 
Кањони, клисури и преубави пештери
 
„Глетка за душата што ретко се доживува, а се помни додека се живее“, запишал во книгата за впечатоци едикојси спелеолог, вљубеник во природата, при посетата на Демир Капија. Можел, не скромно, чувството за восхит да го понесе од која било нечепната македонска дивина. Но, нејсе, ни изборот на Демир Капија не бил случаен. Со деветнаесетте километри најдолгата клисура на реката Вардар, еден од најзначајните орнитолошки (птичји) резервати во Европа. Тука, како ретко каде на Балканот, затоа што како видови се исчезнати, можат да се видат и да се проучуваат заштитените ретки птици грабливки: белоглавиот и египетскиот мршојадец, златниот орел, орелот змијар, лисестиот јастреб глувчар, сивиот сокол и малата ветрушка.
 
 
Во демиркаписката клисура живеат и значајни видови цицачи, влекачи и инсекти, како и ретки и ендемични растенија. Но, Демир Капија е посебна и поради убоста на клисурата каде што Вардар минува низ шареноликите варовнички и еруптивни карпи. Импресивниот влез на кањонот е со должина од 900 метри и изубилува со многубројни пештери со величенствени украси од сталактити, сталагмити, драперии, стилови и столбови. Исто како и на многу други места низ Македонија.
 
Се верува дека има над 350, но регистрирани се 164 пештери и 12 јами и понори. Со законот за заштита на природните реткости под соодветна грижа се Горна Слатинска пештера, Млечник, Убава и Пешна. Една од најдлабоките со 450 метри се смета онаа на Солунска Глава. Пештерата е исклучителна по тоа што првите 200 метри се вертикала, за потоа да се шири во голема сала со висина на сводовите од 50 метри. Се смета дека сводот е еден од најголемите на Балканот. Оние што ја посетиле велат дека пештерата е украсена со зелен мраз и сталагмити до два метра.
 
За најдолга хоризонтална спелеолошка пештера со 955 метри се смета „Бела Вода“, токму кај Демир Капија. Според спелеолозите, на крајот од пештерата има езерце опкружено со величествени скулптури. Најубава е „Слатински извор“ која поради тешко достапноста најмногу е и сочувана. Интересна е и пештерата „Змеовец“ кај селото Крапа за којашто има легенда што ја запишал уште Марко Цепенков:„луѓето доаѓале да се напијат вода која што била лековита„!
 
 
Земја во која што извира животот
 
Независно од импресионираноста на едниот, некој сосем друг планинар и трагач по еколошки чисти поднебја, кажуваат, ја запеал и сега популарната ју песна: „таму каде што Сонцето вечно сјае – таму е Македонија“ и пристигнал. А, таму каде што е Сонцето е животот, а каде што е животот е, нели, водата.
 
Таа вода на територијата на Македонија блика од 4.414 регистрирани извори, преточувајќи се во реки и езера од кои 110 се вештачки, поголеми или помали акомулации. Македонија има и три тектонски езера и повеќе од 30 леднички езера. Богатство и заслужен епитет „земја на вода“ за кое никој не може со сигурност да потврди во кој дел од Македонија е поиздашно. Она што не се знае е дека во Македонија има 150 водопади. Најпосетувани се Смоларскиот со височина од 40 метри и Колешинскиот, нешто понизок, но каскадно раскошен. Кораб, Бистра, Шара, Бабуна, Баба, Пелистер, Јабланица, Беласица...се планиснки масиви кои изобилуваат со водопади и глацијални планински езера. Досега се евидентирани 8 постојани. На планината Дешат има 5, на Јабланица 4, на Стогово 3, на Јакупица 2, а на Шар Планина дури 12. За највисок водопад се смета оној на Кораб, сместен под врвот на Мал Кораб, во месноста Жужиње, денес напуштено село. Проценка е дека е висок 138 метри. Според спеолозите на Кораб има и повисок водопад кој достигнува висина од 200 метри, наводно кога има вода. Но не е детално истражен.
 
Кога сме кај водопадите, куриозитет и своевиден феномен е и подрачјето на Матка. По течението на реката Треска и кањонот на Матка, сега езеро Матка, заради бујноста со вода и брзаци, никогаш немало касјади. Но, затоа, пак, Матка е интересна по своевидниот феномен на „водопади“ што течат од високите стрмни карпи каде што е вежбалиштето за алпинистите. Ова се случува само тогаш кога има силни поројни дождови, бидејќи количеството вода нема каде да се слева, тече преку речиси мазните карпи право во езерото поради што се добива ефект на безбројни „водопади“ споени со небото. Очевидци тврдат дека глетката е благо речено величенствена!
 
 
Државна стратегија против црвената тревога
 
Научните податоци се непобитни, исто како и реалноста од теренот: подрачјето на Република Македонија е рефугиум. Тоа значи дека е прибежиште на загрозените ендемски видови од другите места од Европа, па и од Балканот затоа што природата е се уште зачувана. Тоа сериозно предупредува дека негрижата ги загрозува, ги редуцира, ја намалува виталноста и го забрзува исчезнувањето на видовите чие изумирање и како природен процес е во тек. Загадувањето на воздухот и подземните води, прекумерното и несоодветно искористување на ресурсите, криволовството, неконтролираниот спортски и стопански риболов, густината на популацијата што придонесе одделни растителни и животински видови да паднат под биолошкиот минимум, и во Макдонија ја вклучија црвената тревога!
 
За сериозноста од овој аспект доволно е да се потенцира дека според европската црвена листа бројот на загрозени видови 'рбетници во Македонија се движи околу 113, од кои 30 видови риби, еден вид влечуга, 66 птици и 16 видови цицачи. И она што загрижува тој број варира, односно постојано се зголемува. Според познавачите, од некои видови има дури само по еден примерок!
 
Најзагрозени од овој аспект се рибите. Во Охридското Езеро, поради масовното користење во исхраната најзагрозени се двата вида пастрмка, додека, пак, во Преспанското Езеро поради неконтролиран лов загрозено е опстојувањето на крапот.
 
Од влекачите загрозена е Остроглавата шарка, а од птиците Белоглавиот мршојадец и Царскиот орел кој се среќава само на одредени локалитети: Клисурата на Црна Река, кај реката Бабуна, околу Демир Капија и Мариовско. Овие два вида се дел од 66-те вкупно загрозени видови.

Според Законот за лов, во Македонија 127 видови дивеч уживаат посебен третман, а меѓу нив е Кафеавата мечка која со 250 примероци, речиси е пред истребување, потоа срната. Македонија е можеби единствена држава во која овој вид е трајно забранет за лов, што придонесе за зголемување на бројот на околу 30.000 примероци. Но, по неправедното прогласување на дивата свиња за незаштитен вид, при лов на свињи незаконски се стрела и во срните со што се намали и нивниот број. Според Законот за лов, трајано заштитени се и лебедите.

 
Оттука, главна цел е, водејќи сметка за уникатните природни вредности, со конкретни мерки и активности да се заштити биолошката разновидност и да се обезбеди нејзино одржливо користење заради благосостојба на луѓето. Државата и населението воопшто не смее да дозволи македонските природни реткости во иднина да останат само слика на македонската валута!
 
Кети Мицковска/МИА