Македонија
13. јуни 2018 - 8:22

Македонија прифати ново име - ерга омнес, а Грција македонски идентитет и јазик

Република Северна Македонија, ерга омнес, промена на Уставот и постепено воведување на новото име во внатрешноста на земјата, зачувување на македонскиот идентитет и македонскиот јазик, е содржаното во договорот, кој вчера во телефонскиот разговор го потврдија премиерите на Македонија и Грција Зоран Заев и Алексис Ципрас, а потоа и ја информираа јавноста во своите земји за постигнатото во обидите да се стави крај на 25-деценискиот спор.

Сега се очекува средбата на двајцата премиери, која можеби ќе се одржи викендов во Преспа и на која треба да го потпишат договор, но официјална потврда за средбата се уште нема. Договорот го поздравија сите високи претставнци на меѓународната заедница, а високата претставничка за надворешна политика на ЕУ Федерика Могерини најави дека ќе дојде на неговото потпишување.

Ципрас вчера веднаш по разговорот со Заев ги брифираше претседателот Прокопис Павлопулос и лидерите на политичките партии, а Заев телефонски го информираше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, а денеска заедно со шефот на дипломатијата Никола Димитров ќе се сретнат со претседателот Ѓорге Иванов.

- Нашиот влог во компромисот е дефинирање на прецизирано македонско име за нашата држава, име кое е достоинствено и географски прецизно, Република Северна Македонија, преводливо на сите јазици, информира Заев вчера на прес-конференција. 

Потенцира дека договорот е потврда за македонскиот јазик во Обединетите нации. Јазикот ќе биде македонски/macedonian без фусноти, националноста е македонска кроз граѓанин на Република Северна Македонија (Macedonian/citizen of the Republic of North Macedonia).

Договорот, откако ќе биде презентиран пред сите релевантни политички субјекти во државата, потпишан од претставниците на двете влади, ќе биде ставен на ратификација во Собранието. На владина седница ќе биде разгледан в четврток.

По ратификацијата Грција ќе испрати писмо до генералниот секретар на НАТО, со кое ќе го извести дека меѓу двете земји немаат спор и пречки Македонија да добие покана за членство.

Предвидено е Грција да испрати писмо и до претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, со кое ќе го извести дека веќе нема пречки и се препорачува да добиеме датум за почеток на преговорите за членство.

- Силно веруваме дека Европскиот совет на 28 јуни ќе донесе одлука за почеток на преговорите со Македонија. Силно веруваме дека на самитот на НАТО на 12 јули во Брисел, Македонија ќе добие покана за полноправно членство како 30. членка на Алијансата, нагласи Заев.

За наесен е планиран референдум, на кој граѓаните ќе го кажат конечниот збор. Премиерот нагласи дека без ралика дали референдумот ќе биде задолжителен или консултативен, тој е задолжителен за институициите. 

- Откако нашите граѓани ќе го потврдат овој историски договор Грција кон крајот на годината ќе го ратификува во Собранието, како и протоколот за нашето членство во НАТО, додаде Заев.

Со ратификацијата од страна на парламентите на двете земји, договорот станува валиден. 

Кодовите на интернет и секаде каде што е предвидена нивната упототреба ќе останат МК и МКД, а на регистерските таблички ќе стои НМК. Во врска со начинот на кој новото име ќе се воведе за внатрешна употреба, Заев појасни дека ќе се употребува со отворање на секое поглавје.

- За внатрешна употреба ќе се воведува со отворање на секое поглавје не подоцна од пет години. На пример при отворање на поглавјето за образовние не подоцна од пет години, кога дипломите од нашите универзитети мора да бидат променети со новото име. Дел од внатрешните промени нема да можат да бидат опфатени со поглавја, што значи дека конечно внатре се употребуваат со полноправно членство во НАТО, додаде Заев.

Појасни дека околу опсегот во внатрешноста македонската придавка ќе се користи за се што произлегува од идентитетот и јазикот, секаде ќе се употребува македонски, македонска, македонско.

За се што е поврзано со државните институции, службено и официјално ќе биде согласно новото име.

- Со прифаќањето на уставните измени тоа значи со промена на Уставот и конечното ратификување на договорот во Грција оваа влада ќе биде влада на Република Северна Македонија, но ќе зборуваме за македонска влада, рече Заев.

На прашањето какви отстапки направила Грција во процесот на преговорите, Заев истакна дека го прифатила македонскиот идентитет и македонскиот јазик.

И Ципрас договорот го оцени како историски. 

- По повеќемесечни и напорни преговори, успеавме да стигнеме до договор со премиерот на ПЈРМ, за решавање на долгогодишниот спор во однос на името на соседот, го започна Ципрас неговото обраќање до јавноста.

На Грците им објасни дека новото име ќе биде Република Северна Македонија, „а промената на името ќе се имплементира како во меѓународните, така и во билатералните односи, но и во внатрешноста“ и додаде дека се прави јасна разлика меѓу „грчката Македонија и северниот сосед и се става конечен крај на иредентизмот во уставното име“.

- Договорот ги признава соодветните резолуции на ОН од 1977 за регистрирање на јазикот на нашите соседи како македонски јазик, со додавка, но и јасна формулација дека овој јазик припаѓа на групата јужнословенски јазици, факт што како што јасно се признава, целосно го разграничува од грчко-македонското јазично наследство и античката грчка цивилизација, објасни грчкиот премиер.

Ципрас рече дека во Уставот ќе се направат промени што се однесуваат на се она што би можело да се толкува како иредентистичко.

За најголемите опозициски партии во двете земји решението не добро.

За лидерот на ВМРО-ДПМНЕ договорот е „капитулација“. Тој вчера на прес-конференција изјави дека го откажа патувањето и закажаните средби за денеска и побарал од премиерот Заев веднаш да му го достави договорот со Грција за решавање на спорот за името.

Смета дека Заев сака „шверцерски“ да го протне решението, кое претходно го објави премиерот, Република Северна Македонија, како епохално. 

- Ова е тежок егзибиционизам на штета на сопствената држава. Бараме т.н. договор кој Зоран Заев има намера да го потпише веднаш да ни го достави, појасни тој и рече дека ова не е вистинско решение, туку „капитулација“.

Нагласи дека е битно да се разграничи која институција е надлежна и има ингеренции да склучува меѓународни договори, владата или претседателот на државата.

За лидерот на грчката опозициската Нова демократија, Кирјакос Мицотакис решението што е договорено е лошо и спротивно на ставот на мнозинството Грци. 

Мицотакис повторно го обвини грчкиот премиер, дека нема политички легитимитет и дека води тајна дипломатија и го повика да не го потпише договорот.

- За суштината на договорот и врз основа на она што за сега го знаеме и го слушнавме од господинот Ципрас, имам да го кажам само следното: Прифаќање на македонски јазик и македонска националност се неприфатлива национална отстапка, рече Мицотакис и додаде дека негов приоритет е со сите сили да придонесе грчкиот народ да остане обединет. Го повика Ципрас да не го потпише договорот.