Кошарка
4. December 2017 - 15:29

Македонија повторно домаќин на Евробаскет, овојпат за јуниори

Македонската кошаркарска федерација и в година ќе биде организатор на едно младинско првенство, потврди ФИБА. На централниот одбор, одржан изминатата сабота (2. декември) се одлучуваше за организатори на младинските европски првенства од сите дивизии, во машка и во женска конкуренција како и за Европското првенство за мали земји.
 
Македонската кошаркарска федерација ги пријави за учество и за организирање на првенствата до 16 години во машка и во женска конкуренција, мажи јуниори и мажи до 20 години, сите дивизија Б. Добрата репутација од досега организираните младински првенства помогна за да идното лето (2018 година) МКФ ја добие довербата од ФИБА за да биде организатор на јуниорското првенство за мажи (дивизија Б).
 
Првенството ќе се одржи во нашиот главен град, ќе започне на 27. јули, а ќе трае до 5. август.
 
Нашите кадетки ќе се натпреваруваат во Подгорица, од 16. до 25. август. Кадетите ќе настапат на Европското првенство (дивизија Б) кое ќе биде организирано во Сараево од 9. до 18. август. Младите кошаркари до 20 години ќе настапуваат во Софија од 13. јули до 22. јули.