Македонија
11. October 2019 - 16:34

Македонија одбележува 78 години од почетокот на НОБ

Со положување свежо цвеќе на Спомен Костурницата во Куманово се одбележа 11 октомври, денот кога пукнаа првите пушки против бугарскиот окупатор во Втората светска војна. Свежо цвеќе за паднатите борци положија делегации предводени од Сојузот на борци, Владата, Собранието, кабинетот на претседателот, АРМ, МВР, дипломатскиот кор, локални самоуправи...

Премиерот Заев рече дека сите граѓани се должни да преземат одговорност за Македонија да биде дом на слободата. Според него, се наоѓаме пред историска прествртница, а нашата генерација треба да се бори за европски вредности и животен стандард.

Претседателот на главниот одбор за Сојузот на борците рече дека македонците треба да бидат горди оти народите од поранешна Југославија биле меѓу првите во Европа кои застанаа на вистинската страна против најголемото зло – фашизмот.

Во Собранието доделена беше државната награда „11 Октомври“ за највисоко признание за животно дело во областа на науката, уметноста, стопанството и други дејности од јавен интерес.

Наградата за животно во областа на науката ја доби академик Љупчо Коцарев, а во областа на културата и уметноста актерот Петар Мирчевски и писателот Димитри Дурацоски.

На денешен ден пред 78 години македонскиот народ во Прилеп и Куманово ја почна борбата против фашистичката агресија и окупација од Италија и Бугарија.