Македонија
20. November 2020 - 21:25

Македонија од вечерва во кризна состојба - Владата донесе одлука

Македонија влезе во кризна состојба која ќе трае 30 дена поради корона вирусот. Владата вечерва го прифати предлогот на Управувачкиот комитет по препорака на Советот за безбедност. Ова значи дека наредниот месец државата ќе менаџира и со јавниот и со приватниот сектор за поефикасно справување со Ковид-19. Во битката со вирусот се вклучува и Армијата. Војската заедно со полицијата ќе ги обезбедуваат болниците и другите објекти за кои има потреба. Претседателот треба да одлучи колку војници и за какви задачи ќе бидат распределени.

Како што сооштија од прес службата во функција се ставаат сите расположливи капацитети на министерствата за внатрешни, одбрана, здравство, АРМ, ЦУК и ДСЗ. Сите нив ќе ги координира Главниот штаб при Центарот за управување со кризи, кој веднаш треба да почне подготовка на Акциски план за превенција и спречување на ширење на вирусот.

- Јас ќе го свикам Главниот штаб и веднаш ќе изработиме акциски план. Тоа не значи дека ние ќе измислиме топла вода. Постојат акциски планови, ќе земеме некој од претходните. Знаете дека во Дебар имаше локален акциски план. Ќе го прилагодиме и нормално дека планот нема да биде совршен. Планот ќе се менува во движење, вели директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.

Инаку со стапувањето на сила на кризна состојба не значи дека веднаш се ограничува движењето. За евентуален полициски час или карантин предлог треба да даде Комисијата за заразни болести.