Бизнис
16. August 2019 - 16:08

Македонија од третото падна на 18 место на листата на Фајненшл Тајмс

Македонија е помалку атрактивна за странските гринфилд инвестотори од пред 3 години. Од високото трето во 2016, оваа година земјава се најде на 18 место на ранг листата на Фајненшл тамјс. Лидери на листата за оваа година се Србија и Црна гора. 

Според бизнисот, невладеењето на правото, поларизацијата на општеството и лошата политичка клима влијае се помалку странски компании да се одлучат да инвестираат во Македонија. Од Сојузот на стопански комори велат дека лошата политичка состојба во земјава негативно влијае и на секојдневното работење на компаниите, но и на нивните идни инвестиции.

-Кога гледаме дека секојдневно сите политички чинители во општеството се препукуваат во општеството на дневна основа. Тоа влијае навистина лошо, не само на македонските компании, туку и на оние од надвор кои што ја гледале или ја гледаат Македонија како дестинација. Колку и добри услови да им дадете во самата држава, од аспект на даночно ослободување, било што кое можете да го пружите со овие законски измени кои што се воведуваа, сепак тие кога гледаат ја политичката состојба многу потешко се одлучуваат да инвестираат, вели претседателката на Сојузот на стопански комори, Данела Арсовска.

Од Владата, пак, велат дека падот на Македонија се должи на поголемата конкуренција, бидејќи во 2016. во ранг листата влегле 94, а оваа година 105 држави.

-Податоците за странски директни инвестиции објавени од Фајненшел Тајмс, се однесуваат на гринфилд инвестиции, кои се дел од севкупните странски инвестиции што се влезени во земјава и рангирањето е извршено по бројот на инвестициски проекти, а не по вредност и обем на инвестициите. Дополнително податоците во индексот се користени од FDI Markets и ги исклучуваат инвестициите во малопродажба. Во извештајот од 2016 година биле рангирани 94 а во последниот извештај анализирани и рангирани се вкупно 105 земји, практично конкуренцијата е зголемена и проширена. Вкупните инвестиции ги нотира Народната банка која минатата година регистрираше рекорден влез на странски инвестиции од 624,5 милиони евра, се вели во дописот од Владата.

Претходно и економските експерти предупредија дека политичката клима во земјава мора да се стабилизира за компаниите да можат да работат, а со тоа и да се подобри прибирањето на даноците.