Македонија
22. October 2021 - 13:46

Македонија од 1 јануари влегува во тројката на претседавачи на ОБСЕ, заедно со Шведска и Полска

Северна Македонија од 1 јануари влегува во тројката на претседавачи на ОБСЕ, заедно со овогодишниот претседавач Шведска и претседавачот во 2022 година Полска, додека веќе во 2021 година ќе претседаваме со медитерански партнери за соработка на ОБСЕ како генерална проба за нашите обврски како претседавач со организацијата во 2023 година.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, посочи дека денешната работна средба со генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Шмид, била искористена генерално за прашања поврзани со процесот на организација и самото претседавање на нашата земја со ОБСЕ, која како што посочи, претставува најголемата регионална организација на северната хемисфера која опфаќа 57 земји учеснички, протегајќи се на три континенти Европа, Азија и Америка.

– Очекуваме исполнета и конструктивна агенда и успешно претседавање во 2023 година. Претседавањето со организацијата сериозно ќе придонесе кон зајакнато позиционирање на земјата во меѓународни рамки како конструктивен актер и сериозен придонесувач во зачувување на мирот, стабилноста и соработакта, изјави Османи.

Тој изрази уверување дека државата ќе вложи максимум процесот на претседавање да биде отворен, инклузивен и целисходен, како и дека ќе бидеме ориентирани кон креирање решенија кои ќе овозможат напредок и позитивни придвижувања на процесите во организација.

Посетата на генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Шмид, и денешниот состанок во МНР, бил искористен во насока на соработката и поддршката во фазата на подготовка и самото претседавање на земјата со организацијата во 2023 година.

-Претседавањето со ОБСЕ е чест и сведоштво за вашата посветеност на регионална соработка. Тоа е комплексна задача, меѓутоа носи и големи политички придобивки. Тука е генералниот секретаријат и јас да ви помогнеме за вашето претстојно претседавање со организацијата, изјави Шмид.

ОБСЕ, посочи Шмид, е единствена платформа за разговори за безбедносни прашања, како и дека прашањата кои се однесуваат на безбедноста мора да се разгледуваат и од гледна точка на животната средина, почитување на човековите права и владеењето на правото.

– Секако Северна Македонија придонесува кон безбедноста, веќе постигнавте голем напредок во последните години во реформирањето на вашето законодавство како дел од процесот на пристапување кон ЕУ, обезбедувајќи почитување на сите етнички заедници, изјави Шмид, поздравувајќи го учеството на земјата во регионалниот проект за мониторинг, во борбата против корупцијата и организираниот криминал.

Нашата мисија, нагласи Шмид, соработува со ДКСК во борбата против корупцијата, вклучително и за корупција во областа на животна средина, потоа со МВР за постигнување професионална деполитизирана полициска служба во земјата, како и дека работи во областа на родовата еднаквост и сензивитирање на целото законодавство во контекст на родовата еднаквост.