Македонија
4. November 2016 - 12:55

Македонија очекува повторување на условената препорака од ЕК

Македонија очекува да ја задржи условената препорака за почнување на преговорите со ЕУ во извештајот  на Европската комисија кој треба да биде објавен на 9 ноември. Клучни за евоинтегративните процеси за земјата ќе бидат претстојните предвремни парламентарни избори на 11 декември кои треба да бидат беспрекорно спроведени.

Како што истакна на денешната средба со новинарите вицепремиерот за европски прашања Арбр Адеми, политичкиот договор од 20 јули и оценката од 31 август на лидерите на четирите најголеми политички партии дека се исполнети основните предуслови за организирање на предвремените парламентарни избори ќе бидат клучни елементи кои ќе влијаат во формулацијата на препораката.

- Според нашите сознанија, Македонија ќе ја задржи препораката, но таа ќе биде условена. Условот е организирање фер, демократски и кредибилни избори чиј резултат ќе биде широко прифатен од сите политички партии во земјата, но и од нашите пријатели во меѓународната заедница. Верувам дека првичните реакции ќе бидат во таа насока дека сме постигнале позитивен чекор со фактот што Македонија вторпат по ред добива условена препорака. Но, имајќи ги предвид сите околности задржувањето на препораката е многу важно. Тоа ќе биде потврда за нашата европска перспектива, рече Адеми.

Имајќи ја предвид променетата динамика на објавување на извештаите, односно дека следниот извештај за напредокот во евроинтеграции на земјите од Западен Балкан и Турција, ќе се случи на пролет 2018 година, вицепремиерот Адеми изрази уверување дека задржувањето на препораката макар и условена, ќе биде доволен поттик за земјата за да се продолжи со реформскиот процес, да се заокружат дел од реформите кои веќе се почнати и да се продолжи подинамично евроинтегративниот процес.

Во делот на политичките критериуми очекува да има забелешки, особено во областите кои се опфатени со итните реформски приоритети. Во овој правец во наредниот период, нагласи, треба уште повеќе фокусот да се стави на имплементација на предвиденото во идните реформски приоритети.

Тој посочи дека во услови на политичка криза во која се наоѓаме повеќе од година и пол и во која се уште сме, во услови на неизвесност на одржувањето на изборите кои беа двапати одложени, во услови на несигурност во работата на Собранието и другите државни институции, не може да спроведат подлабоки реформи за кои е потребно широк политички и општествен дијалог, а за некои реформи и поширок консензус.

- Извештајот го гледам како објективна и реална оценка за состојбата во која се наоѓаме. Очекуваме дека ќе бидат нотирани сите позитивни аспекти, сите наши постигнувања во изминатиот период, но ќе има и забелешки и препораки за активности на кои треба да го ставиме фокусот во наредниот период од година - година и пол зависно од динамиката на објавување на извештаите, рече Адеми.

Нагласи дека извештајот е клучен документ, кој претставува основа за дефинирање на реформските активности, но и за ревизија на Националната програма за усогласување со ЕУ-законодавството.

На прашање од новинарите дали е можно да ни биде одземена препораката доколку изборите не се добри, Адеми посочи дека верува оти сите политички и општествени чинители во наредниот период ќе се однесуваат одговорно бидејќи се свесни за важноста на овие избори за иднината на земјата.

Во врска со улогата на СЈО, тој истакна дека оваа институција има клучна задача да ја врати довербата кај граѓаните во правдата, а неговото формирање беше поддржано од сите политички партии. - Обврска на секоја политичка партија и на секоја институција е да му се даде поддршка на СЈО. Верувам дека тоа ќе успее да ја заврши работата за која е формирано, рече вицепремиетот за европски прашања.

Со оглед на тоа дека одржувањето на изборите речиси коинцидира со состанокот на Советот на ЕУ, се очекува оценката за изборите да влијае на заклучоците за земјата. На 13 декември треба да се одржи Советот за општи работи на ЕУ на кој ќе бидат разгледувани извештаите опфатени со процесот на проширување.

Доколку изборите поминат како што треба и нема никакви забелешки од страна на ЕК и на ОБСЕ кој прелиминарниот извештај треба да го даде 12 декември, тоа директно ќе влијае на речникот со кој ќе се дефинираат заклучоците од страна на Советот за општи работи на ЕУ. Во СЕП очекуваат за многу од елементите во извештајот дефинициите да бидат готови уште на 9 ноември, но за крајниот заклучок, односно за препораката во извештајот битно е изборите да поминат речиси идеално. Тоа е клучната работа. Доколку изборите имаат одредени фалинки, многу е веројатно извештајот со заклучоците за Македонија да се разгледуваат и на 14 и 15 декември на  состанокот на Советот за општи прашања и за надворешни работи и врз основа на овие дискусии на 15 и 16 Европскиот совет може само да констатира заклучоци доколку е се во ред или може да се дискутира за земјата доколку има забелешки, велат од СЕП.