Македонија
23. May 2019 - 16:49

Македонија нема зрели услови за легализација на марихуаната во рекреативни цели

Во Македонија нема зрели услови за легализација на марихуаната во рекреативни цели. Ова е ставот на првиот човек во здравството, откако минатата недела од пратеничката група на ЛДП најавија дека ќе бараат канабисот законски да биде дозволен не само за медицинска, туку и за општа употреба. Министерот Филипче во изјава за Сител вели дека е рано да биде направен таков чекор, посочувајќи и на лошите ефекти врз здравјето на оние кои го користат.

-Потребни се многу силни контролни механизми. Во Холандија има таква употреба и промоција на туризмот е една од причините зошто тоа се прави, но сепак, сметам дека ние сме далеку од тоа. Има докази дека канабисот кога се употребува во рекреативни цели има лош ефект врз клетките во мозокот, вели Венко Филипче, министер за здравство.

На иста линија со министерот е и токсикологот Нико Беќаровски. Вели дека има негови колеги кои се апсолутно против било каква легализација и дел кои биле малку полиберални во ставовите. Но кои се проблемите кои ќе произлезат од таков чекор?

-Колку после употреба на канабис тоа лице ќе биде способно да управува возило. За време на сообраќајка како ќе утврдат дали бил активен или пасивен корисник. И секако, другиот пробелм е што со легализацијата ќе се зголеми бројот на малолетни уживатели на канабис, вели др. Нико Беќаровски од Клиника за Токсикологија.

Во Европа марихуаната е легализирана само во Холандија а во некои од американските држави каде е дозволена биле направени истражувања дека за 6 проценти е зголемен бројот на сообраќајни несреќи поради користење на канабис. За рекреативни цели не, но здравствените власти во земјата активно работат на полето за медицинска употреба на канабисот, кое во земјата е законски дозволено од пред 3 години. Филипче најави дека ќе воведат данок за извоз на количините на марихуана во било која форма и тие пари ќе завршат во здравствениот буџет за лекови. Ќе има промени и во тоа што може да се извезува..

-Еве веќе е спремен драфтот на законот за опојни дроги во кој се менуваат некои делови во однос на употреба на канабис за медицински цели. И тоа што сега следно ќе го дозволиме е извоз на цветот, вели Филипче.

Во земјата околу 20 фирми имаат дозволи за одгледување на марихуана, дел во затворен простор а другите на плантажи.