Македонија
25. May 2022 - 19:43

Македонија нема тестови за мајмунски сипаници

Државата нема тестови, ниту терапија за мајмунски сипаници, но од Комисијата за заразни болести велат дека го подготвуваат системот за евентуално појава на овој вирус и во нашата земја. 

Лекарите членови на советодавното тело на министерот покажале загриженост за ширењето на мајмунските сипаници во Европа, но заклучиле дека не треба да има паника зошто оваа зараза воопшто не е идентична со Ковид. 

Досега во светот пријавени се над 100 случаи од кои половината се во Шпанија.

Доктор Злате Мехмедовиќ вели дека проблем со прецизна дијагностика и лекување на овие сипаници имаат речиси сите земји. Помош за материјали за испитување на вирусот сличен на Вариола Вера македонскиот Институт за јавно здравје побарал од СЗО, но дали и кога ќе бидат испорачани засега нема информација.

- Институтот за јавно здравје уште минатата недела стапи во контакт со Светската здравствена организација за да се обезбедат посебни дијагностички китови за ПЦР-тестирање за мајмунските сипаници, изјави д-р Злате Мехмедовиќ, портпарол на КЗБ.

На состанокот на Комисијата за заразни болести било заклучено да не се бараат ПЦР тестови за операција и граѓаните да не се изложуваат на дополнителни трошоци. 

Членовите одлучиле да препорачаат да се користат брзи антигенски тестови бидејки секоја здравствена установа имала донација, а доволно залихи имало и во Министерството за здравство.

- Залихи има, граѓаните не треба да ги купуваат, може да ги добијат во самата установа каде што се упатуваат на дијагностика или на дополнителна процедура. Исто така, комисиите за интерхоспитални инфекции се задолжени да изготват соодветен протокол како да се користат антигенски тестови и дали таму каде што не е можно да се користат брзи антигенски треба да се користат ПЦР-тестови, рече Мехмедовиќ.

Инаку на денешниот состанок на Комисијата било заклучено дека нема потреба во интервенција на Ковид мерките поради стабилната епидемиолошка состојба, но внимателно ќе се следи состојбата со мајмунските сипаници.