Македонија
13. November 2017 - 13:23

Македонија над просекот по учеството во „Креативна Европа“ меѓу земјите кои не се членки на ЕУ

Меѓу земјите кои не се членки на Европската унија, а учествуваат во „Креативна Европа“ Македонија е над просекот во однос на учеството во програмите, иако не е лесно да се повлечат средства за проекти, истакна Карел Бартак, раководител на Секторот за култура од Извршната агенција за образование, аудиовизуелна дејност и култура при Европската комисија.

На отворањето на  конференцијата „Креативна Европа на ЕУ – поттик за културна соработка“ која денеска се одржува во Скопје, Бартак  рече дека 28 македонски организации од 2014 до сега учествувале во проекти за соработка.

Во седумгодишната програма „Креативна Европа“ (2014-2020) на располагање се 1,45 милијарди евра за 28-те земји членки на ЕУ и за земјите кои учествуваат во програмата. Бартак нагласи дека културата и креативниот сектор опфаќаат околу осум милиони вработени во Унијата и учествуваат со околу 4 проценти во БДП на ЕУ што, рече, не е е занемарлив, туку значителен дел од европската економија.

- Програмата финансира околу 300 проекти за соработка, во кои се спојуваат три или повеќе оператори. Поддржавме околу 200 книжевни преводи за кои во Македонија има голем интерес. Финансираме 15-ина мрежи ширум Европа кои застапуваат различни сектори и потсектори, како и 17 платформи кои се нов начин на соработка, како што е платформата за поезија Версополис. Имаме посебни проекти за бегалците, годинава имаме повик за проекти за културно наследство, рече Бартак.

Министерот за култура Роберт Алаѓозовски истакна дека со посветеноста кон евроинтеграциите, кои се приоритет на Владата на РМ, системски ќе ја зголемат мотивацијата кај културните оператори за учество во европски проекти и ќе го олеснат пристапот кон програмата. Во таа насока, рече, веднаш пристапиле кон надминување на проблемот на кофинансирање, како еедна од сериозните пречки за  културните оператори во РМ при учество во проекти од „Креативна Европа“. 

- Министерството во рамки на годишниот конкурс за 2018 година го подобри кофинансирањето на поддржаните проекти од „Креативна Европа“. И покрај предизвиците со кои се соочуваше културниот сектор во изминатите десет години, вредни за истакнување се досегашните резултати на македонските оператори од културниот и аудиовизуелниот сектор, особено на издавачкиот сектор, кој покажа исклучителна посветеност, што резултатираше Македонија да биде во првите шест земји корисници, заедно со Бугарија, Србија, Хрватска, Унгарија и Словенија, рече Алаѓозовски. Тој ја нагласи и важноста од регионална соработка на малите земји во Западен Балкан за порамноправно учество и компетиција на европско ниво. 

Амбасадорот на ЕУ во Македонија Самуел Жбогар соопшти дека 2018-та во ЕУ е прогласена за година на заштита на културното наследство.

- Имаме конкретни предлози во рамки на „Креативна Европа“ да се одбележи културното наследство кое во Европа е важно од различни аспекти. Тоа е важен извор на креативност и иновации, генерира нови идеи, решенија на проблеми и создава иновативни услуги кои го прават културното наследство достапно за граѓаните и посетителите, рече Жбогар.