Македонија
23. March 2016 - 17:07

Македонија на Меѓународниот филмски фестивал во Едрене

Република Македонија ќе се претстави на манифестацијата „Денови на македонската култура“, која се одржува во рамки на Меѓународниот филмски фестивал во Едрене, Турција. Ова на денешната прес-конференција го соопшти државниот секретар во Министерството за култура Бехиџудин Шехаби. 

- Во рамки на манифестацијата која се одржува од 25 до 28 овој месец, нашата држава ќе се претстави под мотото „Денови на културата на Македонија и македонското - турско филмско ателје“, со настапот на членовите на Ансамбл за народни игри и песни на Македонија „Танец“, албанското фолклорно здружение „Каршијака“, Агенцијата за филм на Република Македонија, Кинотеката на Македонија и Институтот за културно и духовно наследство на Албанците, рече Шехаби. 

Во Турција ќе бидат претставени културните богатства на Република Македонија во неколку дејности-филм, фолклор и културно-историско и духовно наследство. „Танец“ и „Каршијака“ пред присутните ќе се претстават со дел од најпознатите песни и ора од нивниот репертоар. Во рамките на манифестацијата ќе бидат прикажани 14 документарни и 12 долгометражни филма од македонски и албански автори, поддржани од Агенцијата за филм на Република Македонија. Во соработка со Кинотеката на Република Македонија ќе биде организирана и изложба на браќата Манаки, со цел запознавање на присутните со ликот и делото на првите сниматели на Балканот. 

На панел дискусијата свое обраќање ќе имаат директорката на Агенцијата за филм Мими Ѓоргоска – Илиевска која ќе говори на тема: „Перспективата на соработката меѓу македонската и турската продукција“, како и директорот на Институтот за културно и духовно наследство на Албанците Скендер Асани.

Ѓоргоска-Илиевска рече дека на фестивалот во Едрене ќе биде прикажано дел од творештвото на браќата Манаки, дел од насловите на Љубиша Георгиевски, Столе Попов, како и современи македонски остварувања. 

Директорот на Ансамблот за народни игри и песни на Македонија „Танец“ Зоран Џорлев појасни дека се подготвуваат за голема турнеја, од 14 дена во Дубаи и додае оти за таа цел во Турција ќе настапи фолклорното студио „Блажевски“, кои се подготвени под нивно менторство. 

Учеството на Македонија на оваа манифестација е финансиски поддржано од Министерството за култура на Република Турција, а е во организација на Меѓународниот филмски фестивал од Едрене.