Бизнис
14. February 2021 - 21:18

Македонија на дното по инвестиции во науката

Државата одвојува премалку средства за научноистражувачка дејност, а тоа нема да го доведе во опасност само образованието, туку и целокупниот развој на земјата, велат научниците. За истражувачка работа се одвојува 0,35% од БДП, со што Македонија е на дното, споредено со Европа, каде за таа цел се одвојуваат и над 2% од БДП.

Од Министерството за образование велат дека работат на промена на начинот на финансирање на научноистражувачката дејност, со цел да се вбризгаат повеќе пари во науката.

- Од минатата година за прв пат Фондот за иновации и технолошки развој во соработка со Министерството за образование и наука преку грантовското финансирање додели 34 иновациски ваучери со вкупна вредност од 15 милиони денари коишто треба да го поттикнат развојот на науката во земјата. Додека, од оваа година се воведува поддршка за национални истражувачки програми, велат од МОН.

Научниците велат дека веќе 12 години нема национални истражувачки проекти и добро е што има волја да се менуваат работите.

Но, за научниците во земјава не е проблем само недостигот на финансии за да ја работат својата работа. Тие немаат ниту пристап до светските бази на податоци.

Последните податоци покажуваат дека во Македонија 52,3% од научните истражувачи се жени, со што земјава е на врвот во Европа според застапеноста на жените. Но, само 0,25% од вработените во земјава се истражувачи, што е далеку помалку од европскиот просек, каде тој процент е пет пати поголем.