Македонија
30. November 2020 - 13:52

Македонија меѓу најдобрите во регионот за климатските цели

Последниот извештај на коалицијата на невладини организации за клима и енергија покажува дека Македонија води во делот на енергетските и климатски амбиции во регионот, иако останува уште многу работа до целосна декарбонизација, јави дописничката на МИА од Брисел.

-Западниот Балкан оди во добра насока но сѐ уште недоволно во однос на трансформацијата на енергетскиот систем, заклучува годишниот извештај на Секретаријатот на енергетска заедница на регионот.

Според Коалицијата на невладини организации, Мрежа за климатска акција Европа, се забележува дека на регионално ниво сѐ уште не се поставени цели за намалување на стакленичките емисии за 2030, ниту пак целите за обновливи енергии и енергетска ефикасност. Министерскиот Совет на енергетската заедница не ги усвоил потребните насоки за декарбонизација и не се справува со прекршувањето на ЕУ законодавството во оваа област, истакнуваат невладините организации.

Македонија сепак се истакнува како една од најдобрите земји во регионот, стои во извештајот.

-Што се однесува до климата и животната средина, Македонија е всушност на пат кон декарбонизација. Неодамна усвоената стратегија за енергетски развој претставува три сценарија, од кои зеленото сценарио се покажува најисплатливо и го декарбонизира електричниот сектор, стои во извештајот.

Секретаријатот нагласува дека земјата е најнапредна од сите во однос на Националниот план за енергија и клима и го поздравува усвојувањето на законот за енергетска ефикасност на почетокот на оваа година со што Македонија е усогласена со законодавството на ЕУ во оваа област.

- Македонија на импресивен начин го надоместува изгубеното време со обезбедување на ефикасна имплементација на третиот енергетски пакет, започнувајќи со енергетскиот закон во 2018, пишува во годишниот извештај, и се поздравува амбициозноста на стратегијата за енергетски развој за периодот 2020-2040.

Извештајот забележува меѓутоа дека нема доволен напредок во секторот на гасот, за разлика од електричниот, поради долгогодишниот нерешен спор со сопствеништвото на операторот, што го загрозува и проектот за градење на интерконектор со Грција.