Македонија
4. February 2019 - 16:34

„Македонија Лек“ конкурира за нов увоз на вакцини

“Македонија лек” повторно во трка за набавка на вакцини. Додека обвинителството истражува евентулни неправилности со декларациите со изминат рок на МРП вакцините увезени токму од “Македонија лек”, компанијата е меѓу петте кои доставиле понуди за новиот двегодишен тендер за вакцини тежок над 10 милиони евра.

На денешното јавно отворање на понудите од Комисијата контатираа дека “нема негативни референци за ниту една фирма-учесник на тендерот“.

 Претходно, по обелоденувањето на скандалот со грешните декларации министерот за здравство најави можност за дисквалификација на компанијата на новиот тендер, а денеска Филипче за Сител изјави дека ќе почека обвинителството да заврши со истрагата.

-Сеуште не дошле луѓето од обвинителството, цело време бевме во комуникација со министерот за внатрешни работи, очекуваме да дојдат и овој случај да се расчисти до крај, изјави д-р Венко Филипче, министер за здравство.

Минатата недела обвинители ја посетиле Агенцијата за лекови каде ја обезбедиле потребната документација. Иако првично МАЛМЕД донесе одлука да бидат уништени сите спорни 624 МРП вакцини, во петокот од обвинителството соопштија дека наредиле истите да се чуваат во просториите на “Македонија лек” за потребите за евентулана идна постапка.

Инаку сето ова се случува токму во екот на епидемијата на морбили во Скопје. Синоќа уште 2 деца со мали сипаници се хоспитализирани на Инфективна, а Филипче е задоволен од опфатот на вонредната имунизација. За 1 месец МРП во главниот град примиле половина од 11-те илјади невакцинирани деца.