Македонија
4. February 2020 - 16:32

Македонија конечно ќе добие реагенси за дијагноза на корона вирус

Корона вирус ќе испитуваат и во Институтот за јавно здравје. Министерот за здравство најави дека реагенсите ќе стигнат во текот на денот, иако досега во земјата не влегол ниту еден сомнителен случај на опасната болест. Филипче вели ситуацијата е под контрола и нема простор за паника. На располагање има околу 40 000 маски, ракавици, скафандери и посебни мантили. Планираат набавка на дополнителна заштитна опрема, во случај да има поголем број на заболени.

-Во периодот од неколку денови ги анализиравме сите количини од сите институции кои може и треба да бидат вклучени во лекување евентуално доколку има пациент заболен од коронавирусот. Ќе пристапиме кон набавка на количини за да се обезбедиме за ситуација ако евентуално има и повеќе заболени. Ситуацијата е целосно под контрола, вели Венко Филипче, министер за здравство.

Од Комисијата за заразни болести велат дека сите здравствени институции знаат кој што треба да прави доколку во земјата се појави заболен од новиот корона вирус. На скопскиот аеродром дежураат епидемиолози од скопскиот центар за јавно здравје кои од вчера со термалната камера ги проверуваат и патниците од летот од Доха, а не само од Истанбул и Дубаи.

- Во текот на вчерашниот ден не влегле луѓе кои биле во Кина, а и од оние кои се вратени а биле таму немааат симптоми, вели Филипче.

Во Кина расте бројот на смртни случаи и од опасниот корона вирус досега починале над 420 лица а 20 000 се заболени. Болеста е потврдена и кај едномесечно бебе во Кина кое е ставено во изолација. Во Јапонија во карантин е крузер со повеќе од 3000 патници поради инфицираност на едно лице.

Од друга страна, кинеската национална здравствена комисија соопшти дека смртноста од новиот корона вирус е 2 проценти и повеќе од 80 отсто од починатите биле над 60 годишна возраст.