Македонија
26. March 2018 - 20:40

Македонија ќе протера руски дипломат

Руски дипломат ќе биде протеран од Македонија во момент кога во најмалку 19 држави во светот денеска се преземаат такви потези поради труењето со нервен агенс на двојниот руски шпион Сергеј Скрипал во британскиот град Солсбери.

Одлуката на македонското МНР е донесна по консултации со сојузници и партнери од ЕУ и НАТО.

- Министерството за надворешни работи  во тесна консултација со нашите сојузници и партнери од ЕУ и НАТО и во солидарност со Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, одлучи да протера еден дипломат на Руската Федерација во Република Македонија заради случајот Скрипал, соопшти МНР.

Потегот е преземен согласно Член 9 од Виенската конвенција за дипломатски односи од 1961 година.

- Нелегалното користење воено хемиско оружје е спротивно со меѓународното право и тоа влијае на безбедноста на сите земји, се додава во соопштението на македонското МНР.

Од 14 земји членки на Европската унија ќе бидат протерани најмалку 30 руски дипломати во глобална координирана акција како одговор за Москва поради случајот Скрипал.

Во таа листа, најмногу ќе бидат протерани од Германија, Франција и Полска од каде се очекуваат заминувања на по четири дипломати.

Претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск, информираше дека не се исклучени дополнителни европски мерки, како што се натамошни протерувања дипломати.

Американскиот претседател Доналд Трамп нареди протерување 60 наводни руски шпиони од САД како одговор на труењето на Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија со нервен агенс во британскиот град Солсбери на 4 март. Трамп нареди и затворање на рускиот Конзулат во Сиетл.

Британските власти ја поздравија одлуката на државите за протерување руски дипломати.

- Гледам голема солидарност од нашите пријатели и партнери во Европската унија и во НАТО, САД и други држави... Заедно испраќаме порака дека нема да ги толерираме руските обиди за кршење на меѓународните закони и поткопување на нашите вредности, изјави британската премиерка Тереза Меј во Парламентот. 

Руското Министерство за надворешни работи денеска оцени дека протерувањето на руски дипломати од западните држави е „непријателски чекор“ и најави дека ќе реагираат на него.

Листа на земји кои одлучија да се придружат на глобалната координирана акција за протерување руски дипломати:

-          САД - 60

-          Украина - 13 

-          Канада - четворица

-          Полска - четворица

-          Франција - четворица

-          Германија - четворица

-          Литванија - тројца

-          Чешка - тројца

-          Холандија - двајца

-          Данска - двајца

-          Шпанија - двајца

-          Италија - двајца

-          Естонија - еден

-          Романија - еден

-          Хрватска - еден

-          Финска - еден

-          Летонија - еден

-          Шведска - еден 

-          Албанија - двајца