Македонија
16. July 2018 - 15:54

Македонија ќе го користи италијанското искуство во заштитата на шумите

Во заштитата на шумите и имплементирање на Регулативата за дрвна маса на Европската унија, како дел од обврските на патот кон евроинтеграцијата, Македонија ќе ги ползува искуствата на Италија која е една од ретките земји во Европа и светот што придава многу голема важност на спречувањето на криминалот во животната средина и заштитата на ресурсите. 

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски истакна дека шумите во Македонија уживаат посебна заштита согласно Уставот и тоа е примарна цел на државата, но пожарите, нелегалната и нерегистрираната сеча се голема закана по шумските ресурси, а често се поврзува со транснационалниот организиран криминал, со дефектите во институционалните контроли и неефективните институции. 

- Државниот завод за ревизија, во скорешната ревизија на успешност на политиките за шумите утврди дека во последната деценија не се работело буквално ништо за заштита на шумите. Не се изработени важните законски и стратешките документи, тоа што е добиено како помош од меѓународните институции, како проекти не се спроведувале целосно, не се вложувало воопшто во заштита на шумите, системите за следење на состојбите во шумите и шумарството не се воопшто изградени (инвентаризација, катастар, информативен систем итн). Финансирањето во шумарството е доведено во најниско можно ниво, деградирани се институуците и контролните механизми за ефективно чување на шумите, рече Николовски.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски истакна дека факти кои говорат за незавидните состојби во заштитата на шумите и опустошувањето на шумскиот фонд се и бројките на евидентирани кривични дела по основ на кражба на дрва, појави кои според него, јасно покажуваат елементи на организирано криминално и коруптивно делување и потреба од поефикасно меѓуинституционално делување.

-  Само минатата година беа евидентирани 206 кривични дела по основ на кражба на дрва или пустошење на шуми со кои беа опфатени 243 сторители против кои севкупно беа поднесени 174 кривични пријави. Станува збор за исечена дрвна маса вредна близу 11 милиони денари. Во рамки на кривичните пријави 28 од нив се однесуваат на 32 кривично пријавени лица чија задача меѓу другото била и заштита на шумите. Годинава, пак, заклучно со минатиот месец одземени се речиси 2.900 метри кубни бесправно исечена дрвна маса вредна речиси 6,5 милиони денари и при тоа во докумнетираните 97 кривични дела поднесени се 77 кривични пријави со кои беа опфатени 110 лица, рече Спасовски.

Тој напомна дека МВР во соработка со МЗШВ лани спровеле 315 заеднички акциски контроли и одзеле 607 м3 дрвна маса, а годинава за шесте месеци спровеле 359 заеднички акциски контроли и одзеле 510 м3 дрвна маса.

Донатело Монако генерал на бригадата на карабинерите посочи дека како резултат на институционалните реформи шумската полиција во Италија се приклучи кон карабинерите и сега брои 7.000 лица кои работат на заштитата на шумите.

- Податоците од акредитираните меѓународни организации покажуваат дека проблемот со уништувањето на шумите е еден девастирачки феномен кој што е во огромен пораст и достигнува 200 милијарди долари годишно. Криминалот во овој сектор не е цел сам по себе, туку има и криминални организации во делот на тероризам како Боко Харам кој приходите ги добива од нелегалната сеча. Затоа многу е важно овој феном да го разгледуваме како нов вид криминал кој не плаши сите нас, покрај нелегалната трговија на дрога, оружје и луѓе. Неопходна е визија оти шумските ресурси припаѓаат на сите нас, вели генералот Монако.

Ова е прва средба со која започнува соработката на Македонија со Италија во оваа област.