Македонија
8. January 2016 - 19:46

Македонија ќе добие современ центар за трансплантации кој ќе биде сместен во поранешната Воена болница

Македонија наскоро ќе има современ Центар за трансплантација. Новата клиника ќе биде сместена во  Градската општа болница „8 Септември“. Во центарот ќе се вршат пресадувања на бубрези,црн дроб и срце, а ќе се прават и најсложени операции, најави премиерот Никола Груевски.

 Клиниката за трансплантација ќе има оддели за хирургија,анестезија,радиологија, лабораторија и болнички соби.

Законот за формирање Центар за трансплантација е усвоен на последната владина седница и е испратен до Парламентот.

- Она што го планиравме и претходно што го најавивме во нашата програма на изборите веќе почнува да се реализира најпрвин со донесување на закон, а потоа и преку негово спроведување. Законот предвидува да се формира Центар за трансплантации во кој ќе влезат најдобрите научници, академици од МАНУ, врвни лекари, но и млад кадар кој ќе се обучува и каде ќе се врши трансплантација на  бубрег, срце и на црн дроб, изјави Груевски

Премиерот истакна дека Центарот и законот за трансплантација се подготвувале подолго време.

- Во некои од околните држави нема вакви центри за трансплантација, така што овој центар ќе има потенцијал да привлече пациенти од некои од соседните земји од регионот, потенцира Груевски.

За новата клиника за трансплантација предвиден е и буџет од над еден милион евра за почеток.

Вакви клиники постојат  во Англија, Франција, Израел и во други развиени држави во светот.