Македонија
15. August 2022 - 16:36

Македонија имала три одлуки за донација на воена опрема за Украина, тенковите се една од нив

Македонската влада донела три одлуки за донација на воена помош за Украина, ама деталите остануваат државна тајна поради класифицираните податоци. Иако од власта не откриваат што сме испратиле во завојуваните подрачја, сепак министерката за одбрана Славјанка Петровска потврди дека дел од донацијата се тенковите бидејќи нивниот транспорт веќе го видоа граѓаните. Одлуките се носеле во консултации со Генералштабот, а донацијата во ниту еден момент не ја доведува во прашање безбедноста на Македонија, тврди Петровска.

И додека државата одлучува да се ослободи од како што вели старата воена опрема која не ни била потребна, Министерството за одбрана се пофали дека забрзано работи на модернизација на армијата. До крајот на годината во земјава треба да бидат испорачани 27 оклопни возила на тркала со американско потекло како дел од набавката на 96 вакви возила во рамки на проектот кој започна во 2019-та. Шест од новите оклопни транспортери од САД ќе бидат изложени на прославата по повод 30 година македонска Армија.

Иако армијата кубури со борбени хеликоптери, сепак државата во моментов не планира да инвестира во ваква опрема. Од септември ќе биде објавен и оглас за вработување на нови 200 професионални војници, а се подготвува и ново законско решение, со кое вработените во министерството за одбрана треба да бидат одвоени од јавната администрација и треба да добијат посебен статус.