Бизнис
16. December 2016 - 20:05

Македонија има туристички потенцијал да биде Словенија на Балканот

Македонија има потенцијал да го издигне туризмот на ниво какво што го има во Словенија, велат турстичките работници кои годинава за првпат организираа туристичка берза.

Агенциите, хотелиерите и другите инволирани во туризмот имаа можност на меѓусебни средби да склучат договори за соработка.

Според Национална асоцијација за дојдовен туризам потребно е да се збогати понудата со алтернативен, без да се запостави традиционалниот туризам.

- Македонија ги поседува сите ресурси за да биде на нивото на Словенија чиј туризам учествува со 13 отсто во бруто домашниот производ (БДП). Кога ќе се обедини целиот сектор, кога ќе се поддржат агенциите кои работат дојдовен туризам и хотелите во реновирањето на нивната база, кога ќе се обезбеди поевтино кредитирање за превозниците, тогаш ќе се случи предвидуваниот раст од пет отсто во БДП до 2020 година. Тоа сериозно можеме да го постигнеме, изјави Влатко Сулев, претседател на НАИТМ.

Сулев вели дека повеќето странски гости и тур-оператори, особено од подалечните земји, Македонија ја гледаат како дел од регионот и почесто како попатна дестинација за посета. Покрај активностите од државата, потребно е и приватниот сектор засилено да работи на сопсвтениот развој.

- Кога словенечките агенции прават балканска тура, операторот ги држи гостите пет дена во Словенија, а ги носи во Македонија со само едно ноќевање во Скопје. Значи, фабриката сме ние, агенциите. Затоа мораме да ги подобриме капацитетите, и човечките и ресурсите, и да успееме да ги донесеме странските оператори на Балканот. Тогаш ќе имаме шанса да ја вклучиме Македонија со минимум пет - шест дена во рутите, вели Сулев.

Според светската туристичка организација при Обединетите нации, Македонија од 2005 до 2015 бележи близу 100 процентен раст во туризмот.