Бизнис
12. April 2018 - 15:06

Македонија и Србија со заеднички граничен премин на Табановце

Македонија и Србија први во регионот постигнаа договор за олеснување на сите постапки за пренос на стока и патници на граничните премини, изјавија македонскиот вицепремиер задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев и српската вицепремиерка и министерка за градежништво, инфраструктура и сообраќај Зорана Михајловиќ по денешната средба во Белград на која присуствуваше и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, јаци дописникот на МИА.

- Најдовме разбирање во рамките на нашата соработка да воспоставиме една царинска испостава на граничниот железнички премин Табановце и таквата станица да ја финасираме заеднички и да побараме средстава од Фондот за инвестиции за Западен Балкан, за што е веќе разговарано. Се договривме таквиот проект да го почнеме што порано и  мислиме дека во 2019 година ќе можеме да почнеме со градење, изјави Анѓушев.

Разговарано е и за инфраструктурните проекти што ги поврзуваат двете земји, при што Анѓушев посочи дека изградбата на Коридорот 10 веќе е завршена во делот на железницата, а кон крајот на април ќе биде пуштена и последната делница од Демир Капија до Смоквица.

И Белград е подготвен наместо во 2020 година според плановите на ЕУ, изградбата на заедничкиот премин да започне во текот на идната година, изјави вицепремиерката Михајловиќ и додаде дека и во Србија се довршува изградбата на автопатот преку Грделичка Клисура на Коридорот 10.

- До туристичката сезона ќе може да се помине преку Грделичка Клисура. Автопатот донекаде ќе биде изграден и треба да одлучиме дали така ќе го отвориме или ќе почекаме месец-два до есен додека не биде комплетно изграден, изјави Михајловиќ.

Таа изрази благодарност до Македонија за помошта во областа на елоктронското издавање градежни дозволи и катастарот и се заложи за интензивирање на заедничката соработка.

Вицепремиерот Анѓушев и министерот Сугарески деенска во Белград имаа средба и со претседателот на Стопанската комора на Србија Марко Чадеж. Пред претставниците на српските компании, членки на комората, ги презентираа можностите за инвестирање и мерките за поддршка на стопанството од Планот за економски раст на Владата на Република Македонија.