Македонија
19. јуни 2018 - 8:42

„Македонија“ и „Предавници“ ечеше пред Собрание - денеска ќе се протестира додека трае седницата

Протестот на граѓаните пред Собранието на Република Македонија против договорот со Грција кој се менува името на државата вчера траеше неполни два часа и помина мирно, без инциденти и без пиротехнички средства и со засилено полициско обезбедување. 

Од протестот, на кој се извикуваше „Македонија“ и „Предавници“ и се пееја и патриотски песни, беше испратен повик граѓаните повторно да се соберат утре во 11 часот пред Парламентот за да ја блокираат собраниската седница на која на дневен ред е Предлог-законот за ратификација на договорот, а најавија и дека протестите ќе ги  продолжат секој ден од 20 часот пред законодавниот дом се додека не се повлече договорот.

Од импровизираната бина во паркот „Жена борец“ пред граѓаните зборуваа Солза Грчева, Филип Петровски, Страшо Олумчев, Јанко Бачев и граѓани. Тие истакнаа дека не прифаќаат референдум за името и бараат оставки од пратениците на СДСМ, а од тие на ВМРО-ДПМНЕ и нивниот лидер да застанат со народот. Тоа го бараат и од полицијата. 

Филип Петровски од премиерот Зоран Заев и од министрите Никола Димитров и Радмила Шекеринска побара да го повлечат договорот.  Од министерот Оливер Спасовски побара оставка зашто  полицијата вчера тепала недолжни македонски граѓани, а кога Собранието и спомениците се шарале со боја рече, не пипнала никого со месеци. 

- Имаме историско право да протестираме и да го заштитиме нашето уставно име Република Македонија. Утре во 11 часот е закажано отворањето на предавството на седница. Го повикувам народот да го блокира Собранието. Вие имате право на тоа. Пратениците на СДСМ ги повикувам да си дадат неотповикливи оставки, а на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да не учествуваат во ова предавство и да застанат тука со народот. Полицијата да ги симне шлемовите и да ни се придружи, рече Петровски, порачувајќи им на граѓаните дека тие се последната надеж за Република Македонија.  

Според Солза Грчева, договорот е мртвороденче од епрувета што, рече, го лулаат и залудно мислат дека ќе го оживеат. Истакна дека историјата казнува и дека сега е историскиот час кога не треба, како што рече,  да се попушти ни еден сантиметар. 

- Додека имаме умни, паметни и добри луѓе, а пред се чесни луѓе, кои знаат што е устав и меѓународно право, ќе се бориме на сите можни фронтови и на сите нив ќе победиме. Ова мртвороденче што го лулаат и мислат дека ќе го оживеат, нема да прооди на оваа земја. Македонија ќе си остане, оваа наша исконска Македонија со нејзиниот прекрасен народ чие трпение се тестира, како што се тестираше вчера. Овој народ е камен и никој никогаш нема да го измести од овде. Нема да се смириме до распуштање на ова ненародно Собрание, а оваа одлепена елита што нема никаква врска со нас, вулгаризираше се што можеше. Но сите тие, еден по еден, ќе го напуштат ова Собрание, рече Грчева.