Македонија
17. May 2016 - 16:48

Македонија и официјално има свој прв резидентен амбасадор во Јужна Америка

Македонија од денес и официјално има прв резидентен амбасадор во Јужна Америка, во Бразил, петтата најголема земја во светот и членка на БРИКС. Амбасадорот Ивица Боцевски во главниот град Бразилија му предаде копиите од акредитивните писма на Сержио Франса Данесе, генерален секретар на бразилското МНР.

Данесе истакнал дека Бразил високо го цени отварањето на македонската амбасада во Бразилија, како прво дипломатско-конзуларно претставништво на Македонија на јужноамериканскиот континент. Амбасадорот Боцевски рекол дека ќе настојува да ги продлабочи пријателските односи помеѓу двете земји во сите сфери, а посебно во проширување на економската соработка.

Претходно Боцевски пред надлежната собраниска комисија истакна дека фокусот на неговиот амбасадорски мандат ќе биде ставен на економијата.

-Нормално, критичната работа ќе биде насочена кон економската промоција, кон промоцијата на Република Македонија како одредиште за странски директни инвестиции. Тука лесно може да се пронајде интересот затоа што Бразил настојува да го прескокне ѕидот на заедничкиот европски пазар и да ги пласира своите индустриски производи на европскиот континент. Директно не може затоа што и европскиот пазар е заштитен во однос на Бразил, изјави Боцевски.

Од земјите од Јужна Америка, Македонија досега единствено ја покриваше Аргентина, преку Амбасадата во Шпанија, а Куба преку постојаната мисија во Обединетите Нации во Њујорк. Во Перу и Уругвај, пак единствена врска беа почесните конзули.

По минатогодишното официјално отворање на амбасадата во Јапонија, годинава Бразил е единствената нова земја во која Македонија отвора резидентна амбасада.