Македонија
21. March 2016 - 13:59

Македонија и натаму со ниска стапка на регистрирани случаи со туберкулоза

Македонија веќе четири години наназад се вбројува во земјите со ниска стапка на регистрирани случаи со туберкулоза. Од 2002 година досега, се бележи континуирано и постапено намалување на вкупниот број на новооткриени случаи со туберкулоза. Во 2015 година се откриени 284 случаи, што е за еден случај помалку споредено со 2014 година. Стапката на смртност е иста како и во 2014 година и изнесува 18 починати лица. 

Ова беше истакнато денеска на прес-конференција во пресрет на 24 март, Светски ден за борба против туберкулозата, што денеска ја организираше Националниот координативен механизам во соработка со Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза и Министерството за здравство. Годинава Светскиот ден се одбележува под мотото „Здружени да ја елиминираме туберкулозата“.  

Директорот на Институтот белодробни заболувања и туберкулоза и национален координатор за туберкулоза, Билјана Илиевска Поповска рече дека намален е бројот на детски случаи со туберкулоза. Во 2015 година биле регистирани 14 заболени деца од туберкулоза, што е за пет помалку споредено со 2014 година.

- Со години наназад и во Македонија најголем процент од регистрираните случаи се регрутираше меѓу возрасната популација од 25 до 45 години, но минатата година имаме тенденција за поместување кон постарата популација, така што 20 отсто се регистрирани на возрасна популација од 45 до 55 години. После нив следат пациентите на возраст над 65 години. Се намалува бројот на повторно откриените случаи од туберкулоза и тој минатата година изнесува околу 8 до 9 проценти, истакна Илиевска Поповска.

Посочи дека минатата година е регистриран пад на бројот на вонбелодробни форми на туберкулоза, кој изнесува 20 отсто, а со белодробна форма на туберкулоза се регистрирани 225 случаи (80 отсто од вкупниот број).

Државниот советник во Министерството за здравство, Јованка Костовска истакна дека Програмата на Министерството за здравство за спречување на појава, ширење и сузбивање на туберкулозата за годинава е околу седум милиони денари.

Укажа на активностите за откривање на терен на лица заболени од туберкулоза со флуорографирање и посебно кај ризични групи. Таа рече дека ако навреме откријат болни, ги доиспитуваат за да се утврди дали навистина станува збор за туберкулоза.

- Многу работиме на нивните контакти, навремено спречување на ширење на туберкулоза во семејството, на контактите. Затоа се прават анализи и кај нив и се испитуваат и тие. Се е тоа во рамките на Програмата за туберкулоза. Се оди во семејствата каде има болни од туберкулоза, се советуваат навремено да ја земаат терапијата. Со Програмата се обезбедуваат и лекови за лекување на заболените од туберкулоза. Лекувањето на болните е бесплатно, рече Костовска.

Посочи дека во следниот период ќе ги интензивираат активностите бидејќи Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија во октомври престанува со активности.

-  Навистина имавме голема поддршка, големи средства се влеваа во овој Глобален фонд, големи активности на терен се спроведуваа, а сега ќе мораме со нашата Национална програма поголем дел од тие активности да ги преземе, барем оние клучните и да продолжиме и натаму. Оваа Програма во иднина ќе се зголемува. Од 2017 година од седум милиони ќе се зголеми на многу повеќе, додаде Костовска.

Христијан Јанкулоски, претседавач на Националниот координативен механизам, рече дека треба соодветно на национално, односно на локално ниво да има зголемување на буџетите за контрола на туберкулозата. 

- Во светски размери во 2015 година на глобално ниво регистрирани се 9,6 милиони новозаболени од туберкулоза од кои 5,4 милиони се мажи, 3,2 се жени, еден милион се деца (починале 180.000). Во 2015 година се регистрирани 1,5 милиони смртни случаи од кои 1,1 милион се резултат на тубекулоза без ХИВ инфекција, а 400.000 случаи се резултат на коинфекцијата меѓу туберкулозата и ХИВ инфекцијата, додаде Илиевска Поповска.

Во рамки на одбележувањето на Светскиот ден за борба против туберкулозата, денеска се одржа и тркалезна маса на која дискутираа експерти од таа област.