Македонија
17. јуни 2018 - 18:48

Македонија и Грција ставија потпис на договорот за името во Преспа

На денот на потпишувањето на договорот за името, медијаторот Метју Нимиц го прослави 79 роденден. Нимиц не го криеше задоволството што по две децении вложен труд, Македонија и Грција најдоа заедничко прифатливо решение. Овој договор вели дека е најдобриот роденденски подарок.

Под засилени безбедносни мерки, рано утрово минстрите Димитров и Коѕијас го потпишаа договорот за решавање на името и стратегиско партнерство помеѓу Македонија и Грција.

Историски момент кој става конечен крај на скоро тридеценискиот спор помеѓу Македонија и Грција. Вака премиерите на двете земји го оценија договорот за името кој денеска беше потпишан овде во областа Псаридис, покрај Преспанското езеро на грчка територија.

Научивме дека треба да учиме од историјата,а не да ја повторуваме. На темелите на минатото-градиме иднина, порача премиерот Заев. Ципрас ги повика граѓаните на двете земји да го прифатат договорот за името без предрасуди.

Договорот го поздрави и европската двојка Хан и Могерини.

На крајот, премиерот Заев во знак на пријателство на својот грчки колега му ја подари вратоврската.

Од Грција, двете делагации со глисер заминаа на македонска територија, каде во Отешево одржаа средби и заеднички ручек во духот на пријателството и потпишаниот договор.