Македонија
14. November 2017 - 9:22

Македонија и Грција се поодлучни да се реши спорот со името

Македонија и Грција покажуваат се поголема одлучност во подготвеноста за конечно решавање на спорот со името, а уште една потврда е очекувањето на премиерот Зоран Заев првата средба на преговарачите со медијаторот Метју Нимиц да се одржи на 20 или 21 ноември, но и вчерашната средба на министрите за надворешни работи на двете земји.

Заев ова очекување го изрази вчера одговарајќи на новинарско прашање по средбата во Љубљана со словенечкиот премиер Миро Церар. Тој зборуваше за натамошниот тек на европските и евроатлантските интеграции на Македонија, при што напомена дека во таа насока пред се фокус се става во решавањето на спорот со Грција.

Заев и Церар

- Ова е навистина актуелно прашање и во Македонија. Логично беше по завршувањето на локалните избори да се направи нов обид за решавање на овој суштествен или чувствителен проблем, кој што го има Република Грција со нашето уставно име, а кој истовремено е пречка за нашите интегративни процеси. Процесите веќе почнуваат, на 20 или 21 ноември очекуваме да се направи првата средба помеѓу преговарачите од двете земји, со медијаторот Метју Нимиц, рече Заев.

Никола Димитров и Никос Коѕијас се сретнаа вчера на маргините на состанокот на шефовите на дипломатиите на земјите од ЕУ во Брисел.

Секоја наредба средба на двајцата министри, кои ги интензивираа конктактите изминатиот период, носи нови елементи за темелите кои се градат и кои ќе бидат појдовна точка за претстојните преговори за рашавање на спорот. 

Димитров и Коѕијас

Комуникациските модалитети меѓу двете земји, како и комуникациските механизми во рамки на Европската унија биле дел од темите за кои вчера разговарале Димитров и Коѕијас.

- Разговаравме за прашања поврзани со комуникациите, комуникациските механизми во ЕУ, при што потенцирав дека мораме да имаме исправна политика за да имаме исправна комуникација, рече Коѕијас по средбата.

Грчкиот министер за надворешни работи викендот пред заминувањето во Брисел изјави дека Грција сака да се реши прашањето за името, а подтотвеност за тоа претходно изразија и  Димитров и премиерот Зоран Заев.

Со мерките за градење доверба и отворање на пат за пронаоѓање решение се совпаѓа и претстојната посета в четврток на  градоначалникот на Солун Јанис Бутарис на Скопје, иако тој негира дека неговата посета е поврзана со спорот за името.

димитров-бутарис

- Ние не се занимаваме со надворешна политика. Се обидуваме со дипломатија меѓу градовите да ги приближиме граѓаните на двете земји и заеднички да работиме за решавање на некои проблеми што ги имаме како соседи, вели Бутарис. 

Тој не сака да го коментира спорот за името пред посетата на Скопје, иако, потсетува „Катимерини“, во минатото се изјасни дека е за сложено име како можно решение.