Македонија
15. February 2016 - 17:30

Македонија и годинава дел од акцијата „Часот на планетата земја“

Промовирано е глобалното видео од кампањата за најголемата светска еколошка акција „Часот на планетата Земја“ во кое се појавуваат и неколку инсерти од Македонија.

 „Часот на планетата Земја“ годинава ќе се одржи на 19 март, кога во 20:30 часот по локално време во мрак ќе потонат над 7.000 града низ 170 држави ширум светот.

Според иницијаторот на акцијата во Македонија и претседателот на Здружението за заштита на животната средина „Часот на планетата земја“ Ѓорги Селков, годинава мото на акцијата е „Заблескај светлина на климатски промени“.

Три минутното видео во кое главна музичка тема е интернационалниот хит „The Nights” на Avicii ја прикажува моќта која секој од нас ја има за да ги промени климатските промени.

 

Поради актуелноста и успешноста на акцијата минатата година во Македонија, глобалниот тим реши да вметне инсерт од исклучувањето на осветлувањето на скопската тврдина Кале во рекламата која ја гледа целиот свет, а истото можете да го видите во 1:10 минута од видеото.

Исто така, во видеото можете да видите и неколку инсерти од минатогодишното одбележувањето на Часот на планетата Земја на улица Македонија (1:25 и 1:35 минута), децата од интернационалната британска градинка во Македонија (2:31 минута), како и учениците од средното училиште „Димитрија Чуповски“ од Велес (2:42 минута).

„Часот на планетата Земја“ е глобално еколошко движење креирано од WWF, а поддржано од Обединето нации. Тоа претставува најголемата светска волонтерска акција со еколошки карактер, која има за цел преку симболично исклучување на осветлувањето во период од еден час да се испрати силна порака за спас на планетата. Македонија во акцијата годинава ќе се вклучи по седми пат.