Македонија
1. August 2017 - 16:10

Македонија и Бугарија потпишаа договор за добрососедство, високо ниво на безбедност околу владината зграда

Со огромно полициско обезбедување и високи државни почести беше пречекана официјалната делегација на Р. Бугарија која денеска напладне пристигна во Скопје, предводена од бугарскиот премиер Бојко Борисов.

Премиерите Борисов и Заев денеска ставија потпис на договорот за пријателство, добрососедство и соработка во македонската Влада. Договорот е потпишан  на македонски и  бугарски јазик согласно Уставите на двете држави. Истиот предвидува поддршка од Софија за евро атланските аспирации на Скопје. За македонскиот премиер овој договор е историски чекор напред за двете држави и покажува дека минатото може да биде темел на идната соработка. Според премиерот на соседна Бугарија, овој документ е доказ дека на Балканот проблемите можат да се решаваат и без посредници. Борисов очекува ЕУ да го поздрави и поддржи договорот за добрососедство.

-Затворивме прашања со кои недвосмислено го трасиравме патот за пријателството, добрососедството и соработката меѓу нашите две земји. Овој договор е взаемен успех, но и заемен придонес кон политичка стабилизација и  во државите и на  регионот на којшто припаѓаме. Овој успех нека биде идеја пример модел за соработка за регионот и пошироко. Република Бугарија од денеска е уште поголем пријател на Република Македоија и наш сојузник во евроатлантската перспектива. Мојот народ денеска  има потполно право да биде среќен поради овој чекор кој го направија  Република Македониј и Република Бугарија, изјави премиерот Заев.

-Меморандумите што денеска ги потпишаа ресорните министри за транспорт, односно енергетика и економија се многу важни. За 10 години ќе бидат видливи резултатите од овој Договор и за двете држави.- Ние го одржавме зборот и ветеното во Софија дека ќе го потпишеме Договорот и дека утре на Илинден ќе бидеме заедно, бидејќи терминот заедничка историја е термин кој не обединува и дава перспективи, а не не разединува, изјави бугарскиот премиер Бојко Борисов.

На прашањето  кои се пораките кои Македонија и Бугарија ги испраќаат кон ЕУ, Турција, Русија и САД со овој договор, премиерот Заев одговори дека се решени да градат пријателства во интерес на граѓаните. Борисов пак укажа на значењето на самитот во Трст во рамки на Берлинскиот процес на кој Коридорот 8 доби поддршка од ЕУ и изрази очекување дека Европската комисија ќе го поддржи овој договор, кој треба да биде   пример за соседните земји.

-Јас сум сигурен дека со одличните врски, пријателства кои ги имаме со Србија и претсседателот Вучиќ, со Грција и со премиерот Ципрас, ние ќе покажеме дека не работиме против нашите соседи. Овој договор не е против нашите соседи туку е насочен како перспектива на двете држави. Освен пораките за мир, просперитет, добра инвестициска клима, искористување на ЕУ фондовите, целта е младите луѓе да патуваат, да имаат перспективи и да останат тука на Балканот, изјави Борисов.

Двајцата премиери нагласија дека за овој договор важен придонес има и претходната Влада со која раководеше Никола Груевски, Борисов рече дека процесот напредувал и стигнале до пред потпишување. На прашањето зошто има толкав број на критики во јавноста дали нешто се крие зад овој договор, премиерот на Р. Бугарија истакна дека демократски е да се критикува да има несогласувања во ставовите, но не  е пријателски да не се помага на соседна држава која сака да влезе во ЕУ и НАТО. Овој договор е гаранција за двата меморандуми кои денеска ги потпишаа ресорните министри а се за развој на патната и железничката инфраструктура, соработка во областа на природниот гас.  Бугарскиот премиер нагласи дека највеќе од се го радува тоа што со Заев доаѓаат од различни европски фамилии и го пофали дека договорот значи храбар чин кој го преземал како премиер на РМ. За тоа кои отстапки ги направиле за да се постигне овој комперомис и консензус содржан во договорот, македонскиот премиер Заев рече дека е резултат на оптимизмот кај двете страни.

- Тоа што е содржано во договорот е јавно достапно до сите. Апсолутно нуди исклучиво перспективи за граѓаните на двете земји, а неговиот дух треба да го надградиме сите, не само владите и министрите, туку пред се граѓаните. Да го чувствуваме како алатка за соработка, за повеќе бизнис меѓу бизнисмените, за повеќе култура, размена на искуства, за европски проекти, изјави премиерот Заев.

„ За нас овој Договор е посакуван. Тој дава тон во ЕУ за тоа дека можеме да бидеме добри соседи, а колегите треба многу брзо со силни усилби да одат кон ЕУ. Се убаво што имаме ни се случи во ЕУ. Знам како е да се  живее во социјализмот, како Бугарија  изгледаше тогаш, и како изгледа сега. Тогаш немавме метро, немавме пречистителни станици... Само можам да и посакам на РМ и на граѓаните брзо да влезат во ЕУ. За нас друга алтернатива нема“, смета Борисов.

Заедничката прослава на празници според Бугарскиот премиер е резултат на почитување на европските вредности кон кои се насочени државите, во насока на подобрување на иднината наместо да останат заробени во минатото.  

„Зошто да не го празнуваме заедно, да се тепаме ли ?Овде на балканот  многу пати сме се тепале и сите сме големи. Голема Бугарија, Голема Албанија, Голема Србија, Голема Македонија. Со војните направивме Балканот да е најбедното и најзаостанато место на Европа. Ние со колегата сакаме да одиме напред и да го стигнеме нивото на Германија, Австрија, Холандија, Франција… Тој празник и ние го почитуваме, извините што го празнуваме“, изјави Борисов.

Пред свеченото потпишување на договорот, Заев и Борисов оддржаа тет а тет средба по што следуваа и билатерални средби меѓу министрите на двете влади.