Бизнис
23. July 2017 - 14:19

Македонија и БиХ потпишаа меморандум за соработка во областа на земјоделството

Македонија и Босна и Херцеговина денеска потпишаа меморандум за соработка во областа на земјоделството.

Меморандумот е потпишан од страна на македонскиот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николосвки и министерот за надворешна трговија и економски односи на БиХ Мирко Шаровиќ во рамки на официјалната посета на македонската владина делегација на Босна и Херцеговина.

- Потпишувањето на меморандумот претставува чекор напред во реализација на утврдените активности од заеднички интерес, за чие што успешно остварување во наредниот период треба да работат тимови од двете земји, велат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство од каде посочуваат дека на билатералната средба двајцата министри се договориле тимовите од двете земји да се формираат што поскоро.

Со Меморандумот е предвидено унапредување на трговијата со земјоделски и прехрамбени производи меѓу двете земји, што подразбира создавање на услови за непречена трговија и отстранување на евентуални бариери, олеснување на контактите меѓу заинтересираните фирми за трговска соработка со организирање на поинтензивни средби на стопанските комори, настап на меѓународни саеми за земјоделство. Воедно, двете земји ќе работат и на организиран настап на трети пазари, како што е пазарот на НР Кина.

На билатералната средба, двајцата министри истакнале дека меѓусебните односи во областа на земјоделството имаат голем потенцијал за понатамошно унапредување, како од аспект на унапредување на трговската размена со земјоделско-прехранбени производи, така и во рамки на развојната соработка меѓу надлежните институции во рамки на земјоделскиот сектор.

Двајцата соговорници констатирале дека унапредувањето на трговската размена е главната работа на која треба да се насочат двете земји во наредниот период, а документите за соработка што се потпишуваат денеска носат олеснувања за граѓаните. Министерот Николовски истакнал дека Македонија е отворена за соработка и стои на располагање за помош на евроинтеграцискиот процес на Босна и Херцеговина, преку пренесување на македонските искуства.