Македонија
27. јуни 2018 - 16:18

Македонија доби условен датум за почеток на преговорите следната година во јуни

Условен датум за старт на преговорите е подобро од тоа да немате ништо. Бугарската министерка за надворешни работи како претседавач Европската унија ја поздрави вчерашната одлуката на министерскиот совет.

Захариева признава дека очекувала похрабро решение од унијата но додава дека и ова е доволно за да му покаже на регионот дека заложбите на Брисел за проширување на унијата не се само декларативни
За еврокомесарот Хан, Европа го отворила патот за идната Северна Македонија

- Драго ми е што Европскиот совет го осветли патот кон проширувањето, особено за Албанија и идната Северна Македонија, после долга дебата. Патот кон отворањето на пристапните преговори во јуни 2019 е јасен. Клучен сигнал за регионот дека прогресот е награден, и круцијален за кредибилитетот на ЕУ, напиша Хан на Твитер.

И покрај очекувањата на македонските власти дека земјава ќе добие датум за старт на преговорите оваа година, министрите за надворешни работи на земјите членки на Европската унија констатираа дека за исполнување на условите потребни се дополнителни резултати и реформи во судството, разузнавачките и безбедносните служби како и реформи во јавната администрација.