Бизнис
19. December 2015 - 16:54

Македонија бележи најголем раст на авиосообраќајот во регионот

Близу 1,5 милиони патници (1 485 102 заклучно со 16.12.2015) имало на македонските аеродроми годинава што е пораст од 21,1% во однос на лани. ТАВ Македонија јавува за успешна година со зголемен број на летови и нови дестинации.  Годинава се воведоа 6 нови линии од Скопје, кон Женева, Фридрихсхафен, Осло, Барцелона, Хамбург и Нинберг. Како и две нови линии од Охрид кон Лондон и Базел.

- Топ пет дестинации од ,,Александар Велики’’ се Истанбул, Цирих, Виена, Малме и Базел. Најфрекфентен ден на скопскиот аеродром беше 8 август со вкупно 6.736 патници, а најмногу превезени патници исто така имало во август и тоа 173.158 патници. Во 2015 отворивме 6 нови линии од скопскиот аеродром, кон Женева (со Свис ерлајнс во април), и кон : Фридрихсхафен, Осло, Барселона, Хамбург и Нинберг (со Визер во јуни и јули). Во моментов од скопскиот аеродром оперираме на вкупно 31 дестинација, а во редовниот сообраќај се 15 патнички авиокомпании и една карго-авиокомпанија, вели Зоран Крстевски, генерален директор на ТАВ Македонија.

Во досегашниот тек на годината на скопскиот аеродром имаше само еден помагловит ден заради кој имаше одложени летови. Крстевски вели дека одлуките за одлагање на летовите ги носат авиокомпаниите во координација со воздухопловните власти. Патниците при тоа имаат свои права кои треба да ги искористат.

- Ние како аеродромски оператор секогаш се трудиме да им ги обезбедиме најдобрите услови на авиокомпаниите за безбедно полетување и слетување. Добро сме организирани во такви случаи и нашата предност како аеродромски оператор е што на авиокомпаниите им нудиме можност летовите да ги дивертираат кон вториот наш аеродром - охридскиот аеродром, покрај можноста се разбира тоа да го сторат и кон аеродроми во околните земји. Одлуката е нивна, а на патниците потоа тие им обезбедуваат превоз и хотелско сместување. Просекот на деновите со магла во последните години и не е така голем, тоа се само неколку дена во зимскиот период. Во вакви ситуации законот точно пропишува кои се правата на патниците и каде и како треба да ги бараат, а за истите можат да се информираат повеќе кај надлежното тело за регулација на авиосообраќајот – Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВП).

За континентална земја авиособраќајот, покрај патничкиот и железничкиот, е исклучително важен за економијата. Според ТАВ, Македонија во прав момент направи исчекор во неговиот развој заради што има економски бенефити.

За догодина ТАВ Македонија најавува линија Скопје – Прага како и летови до Берлин, Копенхаген и Братислава. Чартер летови од Бенелукс до Охрид ќе организира британскиот туроператор Томас Кук, а за Охрид ќе лета и Ер Србија од Белград. Најавени се и чартер летови од Израел.