Македонија
28. March 2020 - 8:18

Македонија 30. членка на НАТО, на 30 март македонското знаме пред седиштето на Алијансата

Македонија од вчера и официјално е 30. земја-членка на Северноатлантската алијаса, откако во вонредни околности, во услови кога светот се соочува со пандемија на Ковид-19,  во Вашингтон вршителот на должност амбасадор на земјава во САД,  Вилма Петковска му го предаде на помошник државниот секретар на САД за Европа и Евроазија амбасадорот Филип Рикер, оригиналниот документ на ратификација од Пристапниот протокол за членство.
 
Со официјализирањето на членството Македонија ја реализираше стратешката цел, зацртана со консензус во 1993 година.
 
Парламентот во 1993 усвои резолуција за членство, во 1995 година Македонија се приклучи кон програмата Партнерство за мир, Канцеларијата на НАТО беше отворена во 1997 година, кандидат станавме во 1999 година, а најблиску до НАТО бевме во 2008 година на самитот во Букурешт, но  Алијансата тогаш констатира дека земјата технички е подготвена да влезе, но влезот беше попречен поради грчкото вето заради нерешениот спор за името.
 
Откако по речиси три децении спорот беше надминат вратата за НАТО се отвори и за нешто повеќе од една година, по потпишувањето на Протоколот на 6 февруари 2019 година, Македонија вчера и официјално стана членка на најголемиот воено-политички сојуз.
 
Честитки пристигнаа од домашните лидери, од лидерите на САД и НАТО, а вчерашниот ден беше означен како историски.
 
Генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг ни посака добредојде преку неговиот Твитер налог.
 
 
– Добредојде во НАТО Македонија! Патот беше долг, но напорите вродија со плод. Формалниот процес на пристапување е завршен, драго ни е што 30-тата земја членка на Алијансата е со нас, објави на својот Твитер профил Столтенберг.
 
Американскиот државен секретар Мајк Помпео преку соопштение порача дека членството во НАТО ќе доведе до подобра интеграција, демократски реформи, безбедност и стабилност во целиот регион.
 
– Членството на Македонија исто така потврдува дека останува отворена вратата и за сите други аспиранти, кои сакаат и можат да ги остварат неопходните реформи потребни за достигање на високите стандарди на НАТО, како и да ги прифатат одговорностите и бенефициите од членството, истакна тој.
 
Додека НАТО вели добредојде на 30. членка, ние остануваме посветени на колективната одбрана според Членот 5, камен темелник на трансатлантската алијанса, се вели во соопштението од американскиот Стејт депармтент.
 
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на Твитер го честиташе членството во НАТО на Македонија.
 
-Честитки до Македонија за пристапувањето во НАТО, заслужен чекор. Сега со нетрпение очекувам блиска соработка со Македонија за време на преговорите за влез во ЕУ, откако земјите членки дадоа зелено светло оваа недела за нивен почеток. Нејзината иднина припаѓа во ЕУ, напиша фон дер Лајен.
 
Церемонијата на депонирање на инструментот во Министерството за надворешни работи ја следеа шефот на дипломатијата Никола Димитров и американската амбасадорка Кејт Брнз, а шефот на дипломатијата како историски момент кој им припаѓа на сите граѓани на нашата земја и на плејадата политичари и визионери, кои макотрпно во текот на изминатите три децении работеа да се оствари идејата за побезбедна и попросперитетна татковина го означи официјализирањето на членството.
 
Димитров изјави дека со ова завршија 27-те години од нашиот пат кон полноправно членство во НАТО, што започна во 1993 година.
 
– Членството на нашата земја во НАТО се случува во вонредни околности кога светот и човештвото се справуваат со можеби најголемиот глобален предизвик по Втората светска војна. Заради овие состојби чинот на одбележување на денешниот настан е скромен, но тоа на ниту еден начин не го намалува историското значење на овој успех, додаде Димитров
 
Брнз од своја страна рече дека ова се историски моменти за земјава, бидејќа стана членка на НАТО и доби одлука за почеток на преговрите со ЕУ.
 
– Многу сум среќна што во името на САД можам да Ви посакам добредојде како 30-та членка на НАТО, истакна Брнз, при тоа изразувајќи и признание на земјава за постигнатите напори и нагалсувајќи дека САД ќе продолжат со поддршата на нашата држава.
 
Претседателот Стево Пендаровски во видео-изјава во однос на формалното зачленување на земјата во НАТО Алијансата, нагласи дека станува збор за историски успеси кои по три децении независност, конечно ја потврдуваат македонската безбедност и ја гарантираат нашата иднина.
 
 
– Во овие денови на искушенија кога сме свртени кон своите најблиски, нашата држава направи клучен чекор кон остварување на стратешката цел за влез во Европската Унија. Лидерите на земјите-членки потврдија дека треба да ги почнеме преговорите со Унијата. Европската Комисија ќе пристапи кон дефинирање на преговарачката рамка, а првата меѓувладина конференција ќе се случи во најскоро можно време. Овој момент го чекавме повеќе од 15 години. Одлуката е јасна и без дополнителни услови. Таа е потврда за спроведување на неопходните реформи, но и за значајните компромиси што ги направивме во духот на европските вредности, потенцираше претседателот.
 
Тој нагласи дека во претстојниот период не очекува макотрпна работа. – Ќе мораме да направиме длабока трансформација на нашето општество и да ги постигнеме стандардите потребни за членство. Оттука, по надминувањето на кризата со епидемијата очекувам надлежните политички фактори да ги насочат сите капацитети кон што поскоро остварување на крајната цел, рече Пендаровски.
 
Тој упати честитки до сите кои кои во текот на изминатите години работеле на европска иднина на земјата. – На повеќе генерации политичари, на стручните лица во администрацијата, на граѓанскиот сектор за јавните дебати за важни прашања и за постојаниот мониторинг на работата на институциите, но, пред се, на граѓаните за постојаната висока поддршка за нашето членство во Европската Унија, се заблагодари Пендаровски.
 
Премиерот Оливер Спасовски, по депонирањето на инструментот за ратификација на својот Фејсбук профил напиша дека 27 март се запишува со златни букви во нашата историја.
 
-Ја остваривме првата од двете стратешки цели, објави на својот фејсбук профил премиерот Оливер Спасовски, по депонирањето на инструментот за ратификација на Северноатлантскиот договор. Денеска во Вашингтон го депониравме инструментот за ратификација на Северноатлантскиот договор во Стејт департментот на Соединетите Американски Држави. Република Македонија и официјално е новата, 30-та членка на НАТО, објави вчера Спасовски.
 
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска со видео порака нагласи дека земјата влегла под чадорот на колективната безбедност кој штити милијарда луѓе во светот.
 
-Денешниов ден го чекавме речиси 30 години. Го чекавме, се надевавме, работевме и се жртвувавме. На моменти мислевме дека оваа цел ќе ни остане недостижна. Меѓутоа, покажавме дека кога сакаш, можеш и невозможното да го направиш достижно, порача вчера Шекеринска и додаде дека е вратено достоинството на Армијата, и дека државата покажа посветена грижа кон нашите војници кои сега се НАТО – Армија.
 
Церемонијата за подигање на знамето на Македонија пред седиштето на НАТО ќе се одржи на 30 март годинава во присуство на Јенс Столтенберг, претседателот на Воениот комитет на НАТО воздухопловниот маршал сер Стјуарт Пич и Зоран Тодоров од делгацијата на нашата земја во НАТО. Знамето на Македонија ќе биде истовремено подигнато и пред седиштето на Заедничката команда во Монс, Белгија и Сојузничката команда во Норфолк во САД.
 
Димитров, најавувајќи дека в понеделник ќе се одржи церемонијата на подигнување на македонското знаме пред седиштето на НАТО во Брисел и во Командата на сојузничките сили во американскато сојузна држава Вирџинија, истакна дека на 2 април првиот претставник на нашата држава ќе присустува на еден министерски состанок на НАТО, што ќе се одржи преку видео конференциска врска.
 
Финализирањето на процесот беше овозможено откако Шпанија во вонредни околности во услови на пандемија, како последна членка го ратификуваше Протоколот. Сенатот на Шпанија на 18 март на пленарна седница без физичко присуство на сенаторите, поради состојбата со коронавирусот го ратификува Протоколот за членство на Македонија во НАТО, по што и шпанскиот крал Фелипе Шести го потпиша документот.
 
Протоколот за пристапување во НАТО за девет месеци го ратификуваа 28 од вкупно 29 членки, а ратификацијата во шпанскиот Парламент се оддолжи поради изборите во Шпанија минатата година. Собранието на Република Македонија на 11 февруари со 114 гласа „за“ го усвои Законот за ратификација на Северноатлантскиот договор. Законот беше донесен со одложено дејство и се чекаше ратификацијата во Шпанија.
 
Зголемена безбедност, согласно основниот принцип на кој почива Алијансата „еден за сите, сите за еден“ е една од најголемите придобивки кои се очекуваат од влезот на земјава во НАТО. Поголемата стабилност ќе привлече и повеќе инвестиции, членството не е гранција за тоа, но сепак постои некоја корелација меѓу тие две појави. Македонија ќе треба постепено да ги зголемува буџетските трошоци за одбраната, а по примерот на другите земји ќе може да очекува и раст на странските директни инвестиции, пред се поради зголемената стабилност.
 
 
Во пресрет на родендескиот самитот во Лондон, кон крајот на минатата година Столтенберг, се пофали со раст на трошоците за одбрана во сите земји членки на НАТО и сѐ поголем број на земји кои ја исполнуваат обврската да одвојат два отсто БДП за воената одбрана. Земјите членки на Алијансата во 2014 се обврзаа дека до 2024 сите ќе ја исполнат оваа обврска, во 2019. девет од нив ја постигнаа стапката, додека трошоците за одбрана растат пет години по ред.
 
На маргините на Самитот во Лондон, Зоран Заев тогаш како премиер на конференцијата „НАТО се ангажира“, се заложи за постигнување на стапката од два отсто пред 2024. Тој потсети дека земјата речиси ја дуплираше оваа стапка за три години, од 0,9 отсто во 2017, таа ќе постигне 1,4 отсто во 2020. Важно е да се напомене дека Македонија во 2007 одвојуваше стапка од 2,7 отсто во 2007. Притоа, за овие три години, Македонија посветува 23 отсто од тие средства за модернизацијата на воените сили, што е исто така дел од заложбите на земјите сојузнички од 2014-та.
 
А котизацијата за членство земјава годишно ќе ја чини 1,2 милиони евра. Ова го најави министерката за обрана Шекеринска уште минатата година, на денот на потпишувањето на Протоколот.
 
-Според разговорите кои што ги имавме во НАТО, проценките, калкулациите, негде околу 1,2 милиони евра ќе придонесува Македонија во буџетот за НАТО. Тоа не е голема сума. Факт е дека најголемиот дел од инвестирањето во НАТО е инвестирање во нашата одбрана и во нашата армија, а дека овој дел на трошоци не се трошоци од кои зависи буџетот на една земја, рече Шекеринска.