Македонија
11. January 2017 - 16:22

Македонците во Албанија со остра реакција до Бушати

На силна осуда кај Македонците од Албанија наиде изјавата на шефот на албанската дипломатија Дитмир Бушати кој го употреби терминот Славомакедонци .

Од Партијата Македонска алијанса за европска интеграција за навредливото ословување од Бушати веќе реагирале и до комесарИјатот за дискриминација и до самиот министер.

Според генералниот секретар на партијата, ова не е прв пат албанските функционери да ги провоцираат Македонците преку навредливо именување.

Реагираше и здружението на Македонците од Албанија.

,,Во име на сите Македонци остро го осудуваме делот од изјавата на министерот за надворешни работи на Албанија, Дитмир Бушати кој Македонците ги нарекува Славомакедонци. Ова е  несодветно, неодговорно и навредливо. Бараме од министерот Бушати во иднина да не прави дефиници без право и без основа. Ние мора да работиме да се градат искрени и пријателски односи меѓу Албанија и Македонија’’, стои во реакцијата на Македонскo друштво "Илинден".

На мешањето на официјални лица од Албанија и од Косово во внатрешните работи на Македонија вчера реагираше и министерот за надворешни работи Никола Попоски, кој таквата активност ја оквалификува како непристојна и несоодветна.

,,Се испраќаат погрешни сигнали во регионот. Секако дека е опасен овој пристап во место со мултикултурна традиција. Многу е далеку од практиката на добрососедство. Доколку сите сме согласни дека иднината ни е во Европа, тогаш борбата е да обезбедиме стабилност, мир, правда и економски просперитет за сите граѓани. Секогаш сме биле крајно коректни во соработката со соседите. Најдобро ќе биде и тие да ни се придружат по тој пат, наместо да се поставуваат мини кои носат ризик за сите’’, стои во реакцијата на Попоски.