Македонија
20. March 2023 - 16:33

Македонците се најнесреќни во регионот и меѓу најнесреќните во светот

Македонците се најнесреќен народ на Балканот и на дното во Европа. Ова го покажува најновиот извештај „Среќата во светот 2023“ објавен од Обединетите Нации.  Од вкупно 137 држави Македонија се најде на 87-то место во друштво на Конго, Венецуела и Украина. Први на листата најсреќни се Финците,  а од регионот Словенците на 22 –та позиција.  Истражувањето е направено врз основа на 3 годишен просек и тоа за време на Ковид пандемијата, а  го составуваат научници во САД врз основа на анкети на Институтот Галуп.  Граѓаните одговарале  на прашањето - колку се задоволни од својот живот?

Според психологот Адмир Косоврасти и овој извештај покажува дека граѓаните во поразвиените земји имаат подобар квалитет на живот и се посреќни, а ние како народ не знаеме да се радуваме на мали работи или научени сме да се жалиме . Тој додава лошата позиција за државата на  оваа табела е резултат и на секојдневните егзистенционални проблеми од секаков вид кои кај луѓето внесуваат страв, паника, несигурност..., а среќата почнува кога завршува стравот.

-Кога ние како индивидуи ќе се избориме со нашиот индивидуален страв и стравот кој ни го креира општеството, тогаш можеме да кажеме дека сме среќни и задовоплни од самите нас,а за тоа треба да се работи и на општеството за подигнување на стандардот и квалитетот на граѓаните, вели м-р Адмир Косоврасти, специјалист по медицинска психологија.

И дел од граѓаните кои ги анкетиравме велат дека државата треба да им обезбеди подобри услови на младите за да бидат среќни, а други пак сметаат дека секој сам треба да си ја креира среќата.

Инаку истражувањето на ОН се објавува 11-та година по ред и тоа токму денеска кога се одбележува Меѓународниот ден на среќата.