Македонија
14. January 2016 - 18:04

Македонците од Албанија повторно бараат настава на македонски јазик и во Голо Брдо

Македонското друштво „Илинден“ од Албанија повторно достави барање до сите албански институции за изучување на македонскиот јазик во Требиште, Голо Брдо, село со големо мнозинство македонско население.

Покрај претседателот, премиерот, спикерот и другите надлежни институции, идентично писмо е упатено и до евроамбасадорот во оваа земја.

Меѓу аргументи се потенцира дека наставата во Голо Брдо до 1949 се изведувала на македонски јасик, а Македонците официјално биле признати за малцинство. Децата до седумгодишна возраст не го зборуваат албанскиот и него го учат со поаѓање во училиште, стои во барањето.

И од македонското здружение ,,Мост‘‘ повеќепати испратиле идентично барање, а последното датира од јули 2015-та. Одговор се уште нема. Претходниот министер за образование ги одбивал нивните барања со небулозни аргументи дека децата не биле роботи, па да се оптоваруваат со толку настава.

,,Министерството за образование кажува дека македонскиот јазик бил странски јазик и трет јазик не можело да се учи. Така ни кажа и поранешниот министер за образование, Муѓерем Тафај дека децата од Голо Брдо не се роботи и тие се само деца, а јас му кажав дека и во Мала Преспа се изучува македонскиот јазик. Таму роботи се? Таму се учи албански, македонски и англиски. Истото право треба да се бара и во Голо Брдо‘‘, изјави Бесник Хасани од здружението ,,Мост‘‘.

Хасани го поддржува барањето на здружението Илинден и вели дека бараат и ќе продолжат да бараат и да се жалат до сите страни се до остварувањето на основното човеково право, образование на мајчин јазик.