Македонија
7. December 2015 - 12:55

„Мајкрософт Македонија“ склучи дистрибуциски договор со „ТДК компјутери“

Домашната компанија „ТДК компјутери“ е новиот партнер на Мајкрософт Македонија за дистрибуција на производи во секторот количинско лиценцирање.

- Дистрибутерската позиција што ја добива ТДК компјутери со договорот е за т.н. количински лиценци, односно лиценци наменети за бизнис секторот со повеќе од пет корисници, рече денеска на потпишувањето на договорот Мартин Максимовски, менаџер за деловен развој на „Мајкрософт Македонија“.

Според Јордан Димитровски, управител на ТДК компјутери, партнерството со „Мајкрософт Македонија“ ќе придонесе за натамошен развој и нови инвестиции.

- „Мајкрософт“ е меѓу ретките ИТ брендови кои имаат локално присуство, односно голема концентрација со голем број вработени во Македонија и заедно планираме да ги зголемиме бизнисот и инвестиците овде. Основна заедничка цел е да ги доведеме македонските компании, кога се работи за лиценцирањето, до нивото на регионот, и да ги запознаеме со бенефитите кои тоа ги носи. Заеднички да ги искористиме фондовите на „Мајкрософт“ за развој и едукација и за помалку од година да имаме  видливи резултати, рече Димитровски.

Стецан Плавјански, извршен директор на „Мајкрософт Македонија“, појасни дека пред една година увиделе оти има потреба од ревизија на партнерската мрежа и почнале комплексен процес на идентификација  на нови партнери во Македонија. 

- Како резултат на тој процес денеска потпишуваме договор со ТДК. „Мајкрософот Македонија“ има мрежа од повеќе од 150 партнери  преку кои и ги реализира своите бизнис цели, но преку таа мрежа враќа и на локалната економија. Според некои анализи, од секој долар кој го реализира „Мајкроосфот“ за корпорацијата, за себе, се смета дека на локалната економија преку таа мрежа враќа 10-ина долари. Денешното е највисоко ниво на партнерство кое може да го има „Мајкрософт“ со локален партнер, рече Плавјански.