Свет
17. March 2017 - 10:13

Мајкл Флин добил околу 34 илјади долари од „Раша Тудеј“

Поранешниот советник за национална безбедност на претседателот на САД, Доналд Трамп, Мајкл Флин добил над 33.750 долари од руски државен телевизиски канал за учество во настан во Москва во декември 2015 година.

На Флин му биле исплатени уште илјадници долари за говори, како и во форма на трошоци за патувањето, се наведува во документите, кои беа објавени вчера. 

Конгресмен од Демократската партија на САД изјави дека овие финансиски односи на Флин со руската телевизија „Раша Тудеј“ е можно да претставуваат прекршување на уставната забрана за добивање подароци од странски влади. 

Комисијата за надзор и владини реформи на Претставничкиот дом објави документи, кои биле добиени во текот на истрагата, чиј предмет се активностите на Флин во месеците пред Трамп да го назначи за советник за национална безбедност.

Во документите се наведува дека „Раша Тудеј“, која американското разузнавање ја смета за пропаганден орган на руската Влада, исто така го платила престојот во луксузни хотели и други активности, кои ги правеле Флин и неговиот поголем син Мајкл Флин Помладиот за време на посетата на Москва.

Флин бил на телевизиска гала вечер на „Раша Тудеј“, каде седел до рускиот претседател Владимир Путин.