Македонија
26. May 2020 - 16:32

Мајките бараат продолжување на породилното отсуство до септември

Продолжување на платеното породилно отстуство до први септември бараат мајките бидејќи се плашат за безбедноста на бебињата. Велат дека дури и градинките да се отворат, се плашат дека средината не е безбедна за нивните деца со оглед на тоа што некои од нив имаат и по осум месеци. Појаснуваат дека не сите имаат баби и дедовци кои би ги чувале додека родителите се на работа. Испратиле писмо до надлежните во кое бараат што е можно поскоро носење одлука, но и институциите да не си префлаат одговорноста едни на други.

-Иако учителките може да се негативни на тестовите за коронавирусот, може некое дете да е носител на истиот без никој да знае и да ја рашири болеста, а поради наложената социјална дистанца не можеме, а и немаат сите услови да ги оставиме бебињата кај баби и дедовци или да ангажираме дадилки за кои не знаеме со кого биле во контакт претходно. Повеќето и немаат финансиска можност за вакво нешто, се вели во писмото.

Тврдат дека дел од работодавачите веќе побарале од нив да се појават на работа.

Од Министерството за труд и социјална политика без конрекетен став дали сметаат дека породилното отстуство треба да се продолжи.

- Платеното породилно  отсуство на мајките е веќе продолжено. За да се обезбеди заштита и грижа за децата, Владата донесе  Уредба со законска сила за примена на Законот за работните односи (“Сл. весник на РСМ” бр. 90), во која со членот 4 е предвидено надоместокот на плата за отсуство од работа на работничка поради бременост, раѓање и родителство и посвојување, да продолжи да се исплаќа  до истекот на траењето на времените мерки за заштита од ширење и превенција од коронавирусот КОВИД-19, се вели во одговорот од МТСП.

Со оглед на тоа што времените мерки најверојатно ќе се укинат до први јуни, мајките ќе мора да се вратат на работа веќе од следната недела.