Балкан
5. November 2015 - 14:07

Маја ги расплака сите: „Јас можам и да не јадам, само спасете ја сестра ми“!

Вработената во Брза помош Маја Пауновиќ објавила потресен статус на нејзиниот профил на Фејсбук за тоа што доживеала кога биле повикани во основно училиште да му помогнат на едно девојче.

-Докторката Маја Пауновиќ вели дека вработените во Брза помош секојдневно се соочуваат со тешки работи, но вели дека не можела да се воздржи да не заплаче по повикот од едно основно училиште, пренесува Б-92.

Таа опишува што се случило откако добиле повик дека едно девојче паднало во несвест на час по физичко. Мајката на двете девојчиња е болна, па тие се препуштени самите на себе.

Еве што пишува докторката на Фејсбук:

"Не пишувам за работата оти работејќи во ургентна служба има се освен убави работи, поточно ги има понекогаш, но се поретко и се помалку. Дневна смена, прва теренска работа – онесвестено девојче на возраст од 14 години во основно училиште на час по физичко. Ротациони светла, возење на црвено, заобиколување автомобили... стасуваме за 4,5 минути на лице место.

Трчаме со опремата, гледаме бледо слабичко дете кое срамежливо седи на стол и грицка парче пита. Ни олеснува, станува збор за колапс, добро што не е нешто полошо. Ги проверуваме виталните параметри, подобро и е. Ја прашуваме што појадувала, вели дека не појадувала, па и кажуваме дека мора да појадува особено кога прв час има физичко... и потоа, тргнува приказната, која убива и води кон прашањето: кога стасавме до амбисот?

Мајката на девојчето има мултиплекс склероза, била учителка, сега е полуподвижна, на постојани терапии и не може да работи. Има сестра од 12 години. Татко им ги оставил кога мајка им се разболела и тие се препуштени самите на себе. Среде зима на училиште одат без јакна и во летна облека. Децата од одделението собираат пари за да им купат појадок, гардероба, но тие никогаш не се жалат, не велат дека им студи, дека се жедни, гладни. Среќни се што имаат мајка и сметаат дека треба да трпат и да живеат така.

Ја повикуваме нејзината помлада сестра да биде покрај неа оти таа се исплаши, да има некого покрај себе што и е близок. Влегува девојче од 12 години, паѓа на колена и почнува да ја бакнува и прегрнува и и повторува "Ќе ти биде поарно, не плаши се".

Обете плачат, ја вртам главата на страна, оти сфаќам дека ми надоаѓаат солзи, плачам. Се трудам да не ме видат, срамота е поради работата што ја работам, се прибирам, се насмевнувам. Ја прашуваме сестрата дали јадела, а таа вели: "Нема врска, добро ми е мене, нема врска, можам јас да не јадам, помогнете и на сестра ми". Се поткасувам за устата да не ми потечат солзи.

Социјалната служба, сите установи, не нашле за сходно на ова семејство да му помогнат. Се прашувам: за што ли се виновни овие деца? За болеста на мајка им, за несовесниот татко или за државата која е толку неуредена што за вакви семејства никому не му е грижа?

Дали можеме вака да постапуваме со децата, како да ги имаме за фрлање, какви ќе бидат тие деца кога ќе пораснат?

Ја возиме сестрата во болница да помине некој ден на педијатрија, помладата ја испраќа со солзи, а мене ми остана товар во градите. Нема понатаму, ова е зло.