Свет
7. January 2018 - 20:48

Махмуд Ахмадинеџад уапсен поради поддршка на антивладините протести во Иран

Поранешниот ирански претседател Махмуд Ахмадинеџад е уапсен поради поддршка на антивладините протести во земјата, пишува весникот „Ал Кудс ал Араби“.

Според медиумот, повикувајќи се на извори во Техеран, Ахмадинеџад бил уапсен со одобрение на врховниот лидер на Исламската република, ајатолах Али Хамнеи за време на посетата во градот Шираз. Причина за притворањето се неговите изјави на антивладините протести, кои во Техеран се сметаат како повик за „распламтување на немирите“.

Во својот говор пред демонстрантите во иранскиот град Бушер минатиот четврток, Ахмадинеџад истакнал дека „некои од функционерите живеат далеку од проблемите на луѓето и ништо не знаат за реалната ситуација во општеството“, пишува весникот.

Тој нагласил дека „луѓето се незадоволни“ од владата на претседателот Хасан Рохани, обвинувајќи го за монополизирање на власта и ресурсите.