Македонија
12. November 2015 - 15:52

Магационер на Кожарскиот комбинат Куманово осомничен за кражба

Шеесет и едногодишниот Ј.М. од Куманово, претставник на стечајните работници од Кожарско преработувачки комбинат Куманово а.д Холдинг во стечај, осомничен е за кражба на кожа и кожни производи од магацинот на фабриката.

Пријава против непознат сторител во Секторот за внатрешни работи Куманово поднел стечајниот управник на комбинатот, по што СВР презел  оперативно-тактички мерки и го сомничи Ј.М. По целосно расчистување и документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава. 

- На Ј.М. му бил доверен клучот од магацинот, а тој во периодот од 2013 до 2015 година континуирано, на засега неутврден начин, изнесувал различна стока од магацинот, со што е причинета материјална штета од околу 3.550.000 денари, соопшти Министерството за внатрешни работи.

По наредба на Основен суд Куманово вчера бил претресен домот и други простории на три локации при што биле одземени предмети за кои постои сомнение дека се сопственост на Кожарско преработувачкиот комбинат Куманово.

- При претресот се пронајдени повеќе од 100 парчиња машки и женски кожни јакни и бунди, 62 бали разновидна кожа, женски здолништа, женски чанти, кожни елеци, женски и машки пликоа, кожни мантили, паричници, ремени, машини за шиење на кожа, разни делови за машини и многу други предмети. Сите предмети се запечатени, пренесени во магацинот на фабриката и истиот е пломбиран, соопшти МВР.