Свет
23. August 2017 - 8:21

Мадуро распиша меѓународна потерница по поранешниот државен обвинител Луиза Ортега

Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, изјави дека е покрената меѓународна потерница за апсење на поранешниот државен обвинител на Венецуела, Луиза Ортега Дијаз, која минатата недела побегна од земјата.

Мадуро чија власт се повеке наликува на левичарска диктатура, ги обвинува Ортега и нејзиниот сопруг дека биле „вмешани во тешки криминали“.

Двајцата побегнаа со еден приватен авион од Каракас, прво на островот Аруба, наспроти венецуелскиот брег, а потоа во Колумбија.

Во изјавата дадена по објавување на потерницата, Ортега ги отфрла обвинувањата на Мадуро и тврди дека тие се „политички мотивирани“.

Обвинителката Ортега сега претставува најгласниот и најопасниот политички противник на власта на претседателот Мадуро, иако таа преходно беше негов сојузник, приврзеник и член на владеачката Социјалистичка партија на Венецуела.

Таа се претвори во критичар на власта, а подоцна и нејзин противник, по долгите протести на антивладините демонстранти и бројните убиства на улиците, обвинувајќи ги полицијата и безбедносните сили за примена на прекумерна сила и за убивање на учесници во протестите.

Ортега остро го осуди создавањето на Уставотворното собрание од приврзаниците на Мадуро, наспроти уставниот Парламент на земјата, прогласувајќи го за целосно нелегална институција.

Колумбискиот претседател Хуан Мануел Сантос изјави за тамошните медиуми дека Ортега ќе добие политички азил во Колумбија, доколку го побара тоа.

Медиумите во Богота, тврдат дека сменатиот венецуелски обвинител располага со „вредни информации“ за врските на Венецуела и Куба со сега расформирани и разоружани колумбиски левичарски бунтовници од групата ФАРК.

Имиграциските власти во Колумбија во меѓувреме соопштија дека Ортега заминала за Бразил, за да учествува на конференција на државните обвинители од регионалната група Меркосур.

-Сакам да му покажам на светот каков е Николас Мадуро и какво е неговото инкриминирано однесување и на оние околу него, изјави Луиза Ортега Дијаз.