Свет
4. January 2021 - 17:49

МААЕ потврди: Иран премина на повисоко ниво на збогатување на ураниум

Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) во денешниот извештај доставен до земјите-членки потврди дека во Иран е почнато повисоко ниво на збогатување на ураниум од досегашното, кое беше договорено со светските сили во 2015 година, изјави иранскиот амбасадор во агенцијата на ООН Казим Гарибабади.

Тој потврди дека од претходниот процес на збогатување на ураниум до 4,1 процент, се преминало на збогатување на првите 137,2 килограми ураниум на ниво од 20 проценти, колку што Иран претходно збогатуваше, пред да се постигне договор во 2015 година,

Дека Иран започна со збогатување на ураниум на тоа ниво, претходно соопшти портпаролот на иранската Влада, Али Рабиеи, велејќи дека тоа започнало „пред неколку часа“ во подземната нуклеарка Фордо, пренесе агенцијата ДПА.

Претходно денеска, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху оцени дека враќањето на Иран на збогатување ураниум од 20 проценти има за цел развој на нуклеарно оружје и дека Израел никогаш нема да дозволи Техеран да го произведува. Нетанјаху во соопштение наведе дека иранската одлука за збогатување може да се објасни само како обид за продолжување на спроведувањето на намерата за развој на воената нуклеарна програма.

Нетанјаху додаде дека Израел нема да дозволи Иран да произведува нуклеарно оружје.

На 1 јануари Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) соопшти дека била информирана дека Иран планира повторно да збогатува ураниум до 20 проценти во Фордо.