Свет
13. November 2017 - 23:41

МААЕ: Иран го почитува нуклеарниот договор

Иран ги почитува своите обврски од договорот на иранската нуклеарна програма, што го потпиша во 2015 година со шесте светски сили, соопшти денеска Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).

Во својот тримесечен извештај за спроведувањето на нуклеарниот договор, МААЕ посочува дека иранските резерви на осиромашен ураниум и натаму се во рамки на нивоата утврдени со спогодбата.

Во извештајот се посочува и дека инспекторите на МААЕ не наишле на никакви проблеми при контролата на местата кои сакале да ги посетат и за кои се претпоставува дека Иран ги користи за развој на својата нуклеарна програма. 

Извештајот на МААЕ следи еден месец откако американскиот претседател Доналд Трамп го обвини Иран дека не го почитува нуклеарниот договр, врз основа на кој му беа укинати меѓународните санкции.

Трамп најави дека САД би можеле да се повлечат од договорот, оценувајќи дека тој не го попречува Иран да работи на производство на атомско оружје. 

Договорот за иранската нуклеарна програма во 2015 година беше склучен меѓу Иран и петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН - Велика Британија, Кина, Русија, САД и Франција, плус Германија.