Македонија
30. September 2016 - 12:55

Лутфиу: Универзитетот „Мајка Тереза“ ќе почне за две недели, ректор - Азиз Положани

За две недели се очекува првиот академски час на новиот универзитет „Мајка Тереза“ кој ќе ги користи просториите на Универзитетот Југоисточна Европа (Штулов универзитет) во Скопје. 

Министерот за образование и наука Пиштар Лутфиу денеска на прес-конференција сопшти дека матичните комисии вчера имале средба со професорите кои се избрани да бидат дел од наставниот кадар на новата високообразовна установа. Избран е и Сенат кој, пак, за в.д. ректор на „Мајка Тереза“ го избрал Азиз Положани, поранешен министер за образование. Неговиот мандат е шест месеци за, како што рече Лутфиу, да нема комодитет, а ќе му биде продолжен во зависност од покажаните резултати. 

За наставен кадар аплицирале 170 лица, а избрани се 45 кои ги исполнувале условите. Наскоро ќе биде објавен уште еден оглас за 39 наставнички места.

За новиот универзитетот од буџетот се обезбедени 80 милиони денари. Во негов состав се пет факултети на кои се распоредени засега 45-те професори и асистенти: факултет за социјални науки (пет професори и тројца асистенти), за информатички науки (четворица професори и шест асистенти), за технолошки науки (пет професори и тројца асистенти), за технички науки (седум професори и седум асистенти) и факултет за градежништво и архитектура (тројца професори и двајца асистенти).

- Ја подготвуваме техничката документација за во Централен регистар за идната недела да добиеме решение како правен субјект. Потоа Министерството дава решение за работа. Се очекува за некои две недели да се одржи првиот час, рече Лутфиу. 

Соопшти дека досега се пријавиле 80 кандидати што сакаат да студираат на новиот универзитет. Електронското пријавување ќе трае до средината на октомври. Онлајн регистрираните кандидати потоа ќе бидат повикани да донесат документи. Конкурсот предвидува 1220 места за запишување студенти во прва година за сите пет факултети на „Мајка Тереза“.

Во договор со Штуловиот универзитет, новиот универзитет за настава ќе ги користи неговите простории во Скопје. Во 2017 година се очекува да почне изградба на негов сопствен објект на местото на  касарната „Илинден“.